1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Македонија со четворица олимпијци во Лондон

Пливачите Марко Блажевски и Симона Маринова и атлетичарите Кристијан Ефремов и Христина Ристеска ќе ја претставуваат РМ на Олимписките игри. Сите ќе учествуваат на покана на организаторот, без исполнета норма.

Атлетиката е еден од спортовите кои овозможуваат настап на Олимписките игри без исполнета А или Б норма. ИААФ во соработка со ИОК, во интерес на развојот на „Кралицата на спортовите“ на спортски помалку развиените средини им дава шанса да истрчаат на олимпискиот тартан.

Христина Ристеска го фати „последниот воз“ за Лондон:

„Среќна сум што ќе ја претставувам Македонија на таков голем настан. Се надевам дека ќе го истрчам мојот најдобар резултат на 400 метри.“

Кристијан Ефремов од поодамна знаеше дека ќе учествува на Олимпијадата, но и за него е ова специјален момент:

„Чувството е прекрасно, бидејќи Олимпијадата е сон на секој спортист. Многу ми е мило, што ми се оствари тој мој голем сон. Со атлетика почнав да се занимавам во 2004 година, токму по завршувањето на Олимпијадата во Атина, а мојата цел беше еден ден и јас да учествувам на Олимписките игри.“

Учество во трките на 400 метри

Ристеска е прилепчанка, студира на Факултетот за физичка култура во Скопје. Ефремов е од Велес, а како дипломиран информатичар зад себе веќе има реализирана една животна цел.

Во Лондон двајцата македонски атлетичари ќе настапат во трките на 400 метри. За своите резултатски амбиции Ристеска вели:

„Своето најдобро време го истрчав на Балканијадата во Грција за атлетичари до 23 години. Тоа на 400 метри изнесува 57 секунди. Со добарите тренинзи низ кои минувам од септември месец со мојот тренер Александра Војнеска, се надевам на личен рекорд од 56 секунди или подобро од 57.80, времето кое го постигнувам во моментов.“

Ефремов својата трка ќе ја има на вториот ден од атлетските натпревари:

„Ќе трчам на 4 август. Мојот личен рекорд на 400 метри е 48 секунди и 26 стотинки. Во Лондон, очекувам да го подобрам овој резултат. Тоа ќе биде мојот придонес во претставувањето на Македонија.“

До Лондон, на подготовки во Охрид

Двајцата атлетичари со своите тренери Александар Војнеска и Ѓорѓи Вучков, преостанатите денови до Игрите ќе ги минат на подготовки во Охрид, нестрпливо очекувајќи го моментот на зачекорувањето на Олимпискиот стадион. За Ристеска, Свеченото отворање ќе е првиот голем момент на Олимпијадата:

„Искрено, со душа чекам да стапнам на Олимпискиот стадион и да го доживеам Свеченото отворање. Тоа чувство не може да се објасни, туку треба да се доживее. За мене тоа ќе биде огромно искуство и поттик. Посакувам да одам и на следната Олимпијада и ќе се трудам да обезбедам норма, бидејќи според правилото на Македонскиот олимписки комитет, два пати со вајлд-карта не може да се учествува на Олимпијадата.“

И Ефремов на сличен начин ја манифестира радоста поради блиската средба со спортската елита:

„Досега учествував на повеќе европски и светски натпреварувања, меѓутоа Олимпијадата има посебен шмек. Тоа е исклучителен дострел за секој спортист. Желба, не само да се учествува, туку и да се освои и медал, што ве води во светскиот спортски врв.“

Македонските олимпијци во Лондон ќе заминат на 25 јули.