1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија - склад на нелегално оружје?!

Колку нелегално оружје има во Македонија никој не знае. Полицијата е во постојана борба со лицата кои тргуваат и неовластено имаат оружје кај себе. Тоа се’ почесто се употребува во апсурдни ситуации во кои има и жртви.

Неодамнешното грозоморно убиство на 13 лица во Србија од страна на воен ветеран и во Македонија го актуелизира прашањето: Има ли државата точна евиденција кој се’ поседува легално оружје и како се справува со оние кои нелегално го поседуваат?! Министерството за внатрешни работи смирува дека до парчето метал во рака не се доаѓа лесно. Максимално се почитуваат Законот за оружје и процедурите и секој кој што бара дозвола е подложен на широки безбедносни проверки.

Секое трето семејство со едно парче оружје

Медиумите речиси секојдневно пренесуваат вести за убиства, обиди за убиства или кражби извршени со нелегално оружје. МВР признава околу 170 илјади парчиња легално, а од невладината „Цивил“ децидни дека во Македонија циркулираат меѓу 170 до 300 илјади парчиња нелегално оружје. По конфликтот од 2001. и потпишувањето на Рамковниот договор „Цивил“ прва во Македонија го истакна проблемот со нелегалното оружје.

Deutschland Diskussion um Waffenrecht

„Две години подоцна, тогашната влада и УНДП излегоа со проект за амнестија предавање на нелегалното оружје, акција во чии рамки ’Цивил’ учествуваше со проекти за јакнење на јавната свест. Акцијата во 2003 година беше успешна, не толку поради бројката на собраното оружје (околу 7.500 парчиња) колку заради успехот на кампањата по која голем дел од граѓаните беа добро информирани за темите од областа на контролата на оружјето“, вели претседателот Џабир Дерала. Загрижува слободната статистика дека во просек едно парче оружје му припаѓа на секое трето семејство во Македонија.

Оправдан е и стравот дека оружјето ширум Македонија од визбите и подрумите лесно може да биде злоупотребено. „Поопасен од присуство на оружјето е фактот дека расте подготвеноста оружјето да се употреби, дури и во крајно апсурдни и банални животни ситуации. Тоа е областа каде што треба да се фокусираме, како да се надмине култот кон оружјето и насилството, односно да се понудат поинакви решенија за проблемите на луѓето“, вели Дерала.

Нелегално оружјето за лична безбедност и заштита

Во 2012 година Министерството за внатрешни работи регистрирало 178 кривични дела недозволено тргување, поседување оружје и распрскувачки материи. Кривични пријави заработиле 215 осомничени лица. Најголем дел, 25 проценти од кривичните дела се извршени или откриени на подрачјето на Скопје.

Innenministerium Mazedonien

МВР Скопје

„Граѓаните оружјето најчесто го набавуваат под изговор дека им е потребно за лична безбедност, заштита и сигурност“, вели Иво Котевски помошник министер за односи со јавноста. Лани полицијата запленила: 178 парчиња оружје, најмногу пиштоли – 65, 35 ловни пушки, 15 бомби,14 автоматски пушки и полуавтоматски пиштоли, по 3 рачни ракетни фрлачи и воздушни пушки, пиштоли за звучна и светлосна сигнализација, но и околу 8.700 парчиња различна муниција, 75 детонаторски каписли, 55 килограми експлозив и друго. МВР соработува со полициите од опкружувањето и пошироко и е дел од откривањето на шверцерите на оружје. „Лани се регистрирани 8 убиства извршени од лица кои оружјето го поседувале нелегално. Имало 12 обиди за убиства, 73 разбојништва, 10 кривични дела насилство, по едно кривично дело лишување од слобода, злосторничко здружување, загрозување на сигурноста и слично“, додава Котевски.

Кампањата на МВР од пред две години за анонимно предавање на нелегалното оружје без кривична одговорност заврши неславно. Граѓаните предале само стотина парчиња оружје и засега нема да има слични акции.

Постои ли профил на потенцијален убиец?!

„Не е прашањето дали постојат потенцијални убијци, туку колку ги има? Најчесто во оваа група припаѓаат неколку категории граѓани“, изјави за Дојче веле Станислав Петковски- Сашо, специјалист по медицинска психологија и цертифициран трансакциски аналитичар од Скопје.

Според Петковски тука се луѓето кои имаат слаб контакт со реалноста или се во психоза. Луѓето кои поради проблем со моралот и етичноста имаат развиено антисоцијална или психопатска структура на личност која не го почитува и не го вреднува туѓиот живот. Главно нивната цел им е важна и се’ што ќе се најде на патот, ќе го поместат, а ако треба и ќе го убијат. Вакви личности во овие 20 години се’ повеќе се присутни поради распадот на системот, немоќта на родителите во општиот хаос да преземат интервенции, недостатокот на љубов и емпатија. Има и луѓе кои поради партиски, етнички или верски верувања се толку радикализирани што оние кои се во спротивниот табор ги доживуваат како непријатели кои треба да се елиминираат.

„Докажано е дека луѓето не убиваат луѓе, туку симболи. Системот во Македонија нема доволно ресурси за ефикасна превенција на ваквата состојба, ниту материјални средства и експерти кои би се вклучиле во овој процес“, заклучува Петковски.