1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија се подготвува за предвремени парламентарни избори

Вработувањата, разрешувањата, приведувањата и раздвижената политичка сцена се увертира и за предвремени парламентарни избори во пакет со претседателските, оценуваат политичари кои ги консултираше ДВ.

Вработувањето на 1.600 лица од социјално загрозени категории, 300 нови вработувања за лица со посебни потреби, конкурсот за 400 полицијаци, како и фазното вработување на 300 педагози и писихолози, не се единствениот сигнал дека власта подготвува терен за предвремени парламентарни избори, тврдат политичари. Доказ за тоа е и разрешувањето на дваесетина директори и раководители на јавни претпријатија кои се дел од „новиот бран" кадровски промени што го најави ВМРО-ДПМНЕ. Борбата со криминалот, спроведена преку серија спектакуларни апсења, за кои опозицијата тврди дека се класичен политички прогон, во пакет со серијата трибини на владејачката партија низ општините во земјата, уште повеќе го засилуваат уверувањето дека раздвижената политичка сцена е само увертира за главниот чин - предвремени парламентарни избори во март, во пакет со редовните претседателски.

Зрели за избори

Ваквиот развој на настаните не ги изненадува партиските раководства. Македонија е зрела за предвремени парламентарни избори, вели поранешниот социјалдемократски премиер Владо Бучковски, еден од основачите на Алијансата за позитивна Македонија.

„Впрочем, Груевски и понуди предвремени избори на крајот од август, кога имаше проблеми со извештајот на ад-хок Комисијата за настаните од 24 декември! Низа потези на премиерот, пред се' вработувањата, ги подгреваат шпекулациите за предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските. Ние од Алијансата за позитивна Македонија, се подготвуваме и за претседателски и за парламентарни", најавува тој.

Илија Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Центарот за комуникации, потсетува дека августовскиот повик на Груевски за избори бил „строго наменски".

Wahlveranstanstaltung VMRO DPMNE Skopje Nikola Gruevski

ВМРО-ДПМНЕ никогаш не бегала од избори, вели Илија Димовски

„Таа изјава беше дадена единствено во контекст на кризата во Комисијата. Во партијата не сме разговарале за предвремени парламентарни избори, но факт е дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не бегала од избори. Изборите се најлегитимен начин на кој граѓаните ќе ја одредат насоката во која треба да се движи државата. Тоа што сме активни на трибини, што отвораме нови објекти и почнуваме нови проекти, се наши тековни активности. Тоа не е доказ дека се подготвуваме за парламентарни избори, туку дека и натаму успешно ги исполнуваме ветувањата дадени пред граѓаните", вели Димовски.

Сепак, ваквите објаснувања не „фаќаат корен" кај новите партии кои се убедени дека во март за првпат ќе ги проверат своите сили на два изборни фронта. Во тоа е убеден и лидерот на Граѓанската опција за Македонија - ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

„Според мене, има барем три показатели дека навистина ќе имаме предвремени парламентарни избори, од кои два се сосема практични. Првиот сигнал се интензивната телевизиска кампања и градежната 'офанзива' што ја презема Владата. Второ, ако се организираат само претседателски избори, ќе има сериозни проблеми да се обезбеди потребниот цензус, односно ќе има проблем со излезноста на гласачите. Третата практична причина која не смее да се занемари, е што нам во континуитет три години ни се случуваат избори. Во 2013 имавме локални, во 2014 ќе имаме претседателски, а во 2015 редовни парламентарни. Со оглед дека на секои избори практично по четири месеци имаме техничка влада, произлегува дека за 36 месеци ние 12 месеци ќе имаме техничка влада, што воопшто не е поволно за државата. А тука е и постојаното барање на опозицијата за предвремени избори", вели Јакимовски.

Во тој контекст, ГРОМ не остава ништо на случајноста. Според Јакимовски, до 1 ноември партијата ќе има 15 општински организации, кои имаат задача да ги конституираат месни одбори и забрзано да се подготвуваат за парламентарни

Mazedonien Karpos Stadtteil Skopje Stevco Jakimovski

Стевчо Јакимовски

избори. За претседателските веќе имаат кандидат, чие име засега не го соопштуваат, а го опишаа како „личност која и' е позната на јавноста, бидејќи во минатото била на повеќе раководни функции".

Фер регулатива

СДСМ неодамна најави дека нејзиниот претседателски кандидат ќе биде натпартиска личност, но потенцира дека од нив не зависи дали ќе има предвремени парламентарни избори, иако социјалдемократите се целосно подготвени. Но, лидерот Зоран Заев во повеќе наврати потенцира дека „нема да дозволат повторно да се случи два дена пред избори да се делат десетици милиони евра со кои ќе се врши корупција и полициски притисоци".

„Тоа не фер. Кога ќе не' видите мене и господинот Груевски како соопштуваме дека сега има прилично фер регулатива која може да се справи со изборните процеси, е тогаш знаеме дека начелно може да има фер шанси за сите", изјави Заeв, алудирајќи дека нема да оди на избори без прочистен избирачки список и измени на утврдените аномалии во изборниот законик.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа е постојано алиби на СДСМ за да се покрие стравот од нов изборен неуспех.

За разлика од желбата за избори кај новите партии во македонскиот блок, таков интерес нема кај партиите со подолг стаж во албанскиот блок. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, јавно и децидно соопшти дека Владата треба до крај да го заврши мандатот добиен на последните избори. „Владата ги има сите капацитети да ги спроведе потребните реформи и сметам дека не ни требаат предвремени избори. Но, ако ДУИ сака предвремени избори, нека повелат, ние не се плашиме од нашите политички конкуренти", порача Тачи. Се чини

Menduh Taci Politiker Mazedonien

Мендух Тачи

дека по ова прашање Тачи чука на отворена врата. И во ДУИ не се заинтересирани за предвремени избори, а тоа го образложуваат со непотребно губење време кога земјата е соочена со важни интеграциски и други предизвици. Според Мерсел Биљали, професор на Универзитетот ФОН и добар познавач на состојбите во партиите на Албанците, има и други причините за таквиот став.

„Ништо не може да се предвиди кога имате непредвидлива влада. Реално нема потреба од нови избори. Има стабилно мнозинство и Владата треба да си го истера мандатот до крај и да даде отчет. Ако има избори, без оглед дали со прочистени или со непрочистени избирачки списоци, власта ќе се обиде по секоја цена да ги добие изборите. Политичката ситуација ќе се компликува и драматизира, а недостигот од вистински резултати ќе се покрива со нови апсења, популизам и фиктивни резултати. Во ДУИ знаат дека во таква ситуација ВМРО-ДПМНЕ може и сама да обезбеди парламентарно мнозинство, можеби и заедно со една од новоформираните партии. Затоа на ДУИ не и' се брза", вели Биљали.

Според аналитичари блиски до десницата, за ВМРО-ДПМНЕ е сеедно дали ќе има редовни или предвремени избори.

„Нејзиниот рејтинг е висок, постојано со стабилен или растечки тренд. Ако Владата го истера мандатот до крај, не значи дека рејтингот ќе и' се намали дотогаш. Напротив, влезена е во офанзива на неколку фронта - градежен, инвестициски, па се' до нови вработувања, кои и' носат уште подобри резултати", велат нашите соговорници. Според нив, првиот сигнал дека паднала одлука за предвремени избори ќе биде „бран" од анкети кои јавноста треба да ја потсетат „кој колку тежи" на политичката сцена.