Македонија се’ поатрактивна за сајбер криминал | Македонија | DW | 30.12.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија се’ поатрактивна за сајбер криминал

Земјата станува се’ попривлечна цел за компјутерските криминалци кои оперираат во македонското интернет море. Законите се добри, се водат процеси, недостига свесност за поголема заштита, велат експертите.

Статистиката покажува значителен пораст на комјутерскиот криминал во Македонија. Во 2011 се регистрирани 61 дело од областа на компјутерскиот криминал, во 2010 година се сторени 48 дела а во 2009 е забележано трикратно зголемување во однос на претходните години.

Криминалците инвентивни во однос на делата

Станува збор за широка лепеза на криминални дела: Оштетување и неовластено навлегување во копјутерски систем, изработка и употреба на лажна платежна партичка, злоупотреба на лични податоци, повреда на софтвер, пиратерија, и сите останати нелегални форми што се резултат на компјутерските технологии. За деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, Димитар Трајанов Криминалците се најчесто млади луѓе, растечкиот тренд на интернет криминалот не е изненадување.

„Колку што е поголема употребата на интернетот во секоја смисла, колку што луѓето се повеќе присутни на интернет, колку се повеќе бизнисот се сели на интернет, толку и криминалците се зафатени од тој бран и тие се селат на сајбер светот. Македонија не е исклучок од светските трендови“, објаснува Трајанов за Дојче Веле.

Банкарските сметки најпривлечни

Карактеристично за интернет криминалците е што најчесто станува збор за млада популација. Еден од покарактеристичните случаи е откривањето на група хакери, кои влегувале во системите на банките и од одредени сметки земале финансиски средства. Од повеќе од 100 илјади клиенти одзеле мали суми но успеале на свои сметки во една соседна земја да пренесат околу милион евра. Бидејќи сајбер просторот нема граници, кривичните дела неможат да се расветлат без меѓународна соработка.

Често пати извршителите можат да оперираат од друга држава. Кривично гонети се неколку стотици луѓе, а една третина од нив не се државјани на Македонија.

„Законите во Македонија од оваа сфера се добри и во согласност со европската регулатива. Недостига подигање на свеста за постоењето на овој вид на криминал. Луѓето треба да разберат дека секое користење на интернетот треба да биде безбедно. Исто како што кога се отвора некоја продавница се преземаат мерки за заштита, треба да се реагира и кога станува збор за интернет просторот. За секоја употреба на интернетот треба да се обезбеди соодветен протокол за заштита“, вели Трајанов.

Во пораст и бројот на Фејсбук престапи

Сепак дека свесноста на македонските граѓани за злоупотреба на сајбер просторот расте покажува и статистиката со која располагаат во Агенцијата за заштита на личните податоци. Оттаму за Дојче Веле информираат дека во 2012 година добиле повеќе од 180 претставки. Најголем број од нив, 107 се однесуваат на креирање на лажни профили на туѓо име на Фејсбук, 40 се однесуваат на хакирање на фејсбук профили, повеќе од 20 се однесуваат на разни видови на злоупотреби сторени на социјалните мрежи.