1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија сака преговори, ЕУ потсетува на спорот со името

Македонија очекува препорака и почеток на пристапните преговори, порачува министерот Попоски. Еврокомесарот Филе смета дека не е реaлно да се очекува напредок во ЕУ интеграциите, ако нема решение за спорот со името.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски денеска во Скопје имаше средба со шефот на Делегацијата на Европската унија во РМ, амбасадорот Аиво Орав.

Тие разговарале за резултатите од третиот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската комисија, кој се одржа на 17 септември, претстојниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во 2012 година, како и за перспективите и очекувањата за донесување одлука за почеток на пристапните преговори на декемвриските состаноци на Советот на ЕУ, соопшти Министерството за надворешни работи на Македонија.

Nikola Poposki Außenminister Mazedonien

Министерот Никола Попоски

Министерот Попоски изрази задоволство од заклучоците од Пристапниот дијалог и нотираните постигнувања во петте клучни области, реафирмирајќи ја заложбата за натамошен напредок и континуирани резултати во реформите во судството, јавната администрација, медиумите, изборниот процес и зајакнувањето на пазарната економија. „Посакуваме и очекуваме ваквиот моментум да резултира со обновена препорака од Комисијата за почеток на пристапните преговори и нивен фактички почеток до крајот на оваа година“, истакна Попоски.

Aivo Orav

Амбасадорот Аиво Орав

Амбасадорот Орав ги пренесе позитивните впечатоци од оствареното во изминатиот период и посебно резултатите во рамките на Пристапниот дијалог. Тој искажал уверување дека спроведените реформи и остварените резултати во сите аспекти од Копенхашките критериуми за членство ќе бидат соодветно нотирани и валоризирани од страна на Европската комисија во претстојниот Извештај за напредокот на Македонија.

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе во интервју за Радио Слободна Европа, меѓутоа, вели дека не е реално да се верува оти може да се напредува во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, а прашањето за спорот за името да се остави за крајот од преговорите.

Stefan Fule

Еврокомесарот Штефан Филе

„Како прво, знам дека можноста да се чува или остави тешкото прашање за на крајот на процесот не е реално. Да се верува дека ќе се оди напред, и кога сe’ е направено, тогаш да почнеме да се осврнуваме на прашањето за името, верувајќи дека така ќе биде полесно – тоа е многу опасен концепт, тоа нема да успее. (...) Членките на Унијата се јасни за тоа која е нивната позиција за прашањето за името и што треба да се направи. Ние уште не сме ги направиле првите чекори, ние уште не сме го усвоиле извештајот за напредокот, таму е важната препорака“, изјави Филе во интервјуто за Радио Слободна Европа.

Еврокомесарот, според Радио Слободна Европа, е дециден дека Советот на Европската унија во декември ќе донесе политичка одлука. Тој притоа надева дека земјите членки на Унијата ќе ги земат предвид и позитивните елементи кои ќе произлезат од дијалогот на високо ниво кој се води меѓу Македонија и ЕУ.

Филе притоа предупредува дека дијалогот на високо ниво не е начин да се заобиколат пристапните преговори и оти тоа не е начин на кој ќе се зборува за спорот за името.