1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Македонија претседава со Генералното собрание на ОН

Метју Нимиц останува посредник во македонско - грчкиот спор со името. Ова е потврдено на средбата меѓу генералниот секретар на ОН,Бан Ки Мун и шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски во Њујорк. Македонија од вчера е претседавач и со Генералното собрание на ОН. Др. Срѓан Керим, во следната година е на чело на Собранието.

Срѓан Керим и Метју Нимиц во Њујорк

Срѓан Керим и Метју Нимиц во Њујорк

Нема никакви промени во однос на мандатот на Метју Нимиц, медијаторот на ОН за разликите со Грција околу употребата на уставното име на Република Македонија, изјави македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски по средбата со генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун во Њујорк. Милошоски на Мун му повторил дека Македонија останува во процесот без намера да брза, но конструктивно да соработува. И Нимиц, во разговор со македонските новинари во Њујорк потврди дека не се откажува од мандатот и оти е оптимист дека во блиска иднина ќе се најде конечно решение за името. Милошоски повтори дека очекува поголема конструктивност од Грција. Коментирајќи ја заострената предизборна реторика на грчките политичари во врска со името тој рече дека ова навидум надворешно прашање всушност станува внатрешно политичка тема во Грција. Повторно им порача – колку помалку прашањето за името биде присутно во грчката предизборна кампања толку поголеми ќе бидат можностите за изнаоѓање реално прагматично решение.

Милошоски инаку вчера во Њујорк присуствуваше на изборот на др Срѓан Керим, поранешниот шеф на македонската дипломатија за претседавач на Генералното собрание на ОН. Керим, кој беше избран со акламација од сите 192 земји најави дека главни предизвици на неговиот едногодишен мандат ќе бидат промовирање на ефективен мултилатерализам во чиј центар би биле ОН, глобалниот проблем на климатските промени, борбата против тероризмот, реформата на Советот за безбедност и Светската организација.

"Овие главните предизвици на денешницата не може да бидат целосно решени во рамките на државните граници или на регионално ниво. ОН имаа и неуспеси,а главна причина за тоа не треба секогаш да се бараат во ефикасноста на системот на светската организација туку и во недостатокот на воља кај некои земји членки да соработуваат на мултилатерално ниво”, предупреди Керим.

Во честитката, генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун изјави дека очекува од Керим со неговото политичко искуство да го направи Генералното собрание поефикасно. Тој му ја дава својата поддршка.

“Заедно ќе работиме во соочување со предизвиците што ја очекуваат Светската организација”, рече Мун.

Керим кој инаку е доктор по економски науки, покрај тоа што беше шеф на македонската дипломатија, беше и амбасадор во Германија и во ОН.