1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија пред нова промена на Уставот

Владата предлага измена што според нејзините оценки ќе ја зајакне битката со криминалот и со корупцијата. Опозицијата негодува и бара широка политичка расправа пред да се пристапи кон парцијална измена на Уставот.

default

Собраниската Комисија за уставни прашања денеска го поддржа барањето на Владата за измени на Уставот

Во македонскиот парламент почна расправата за промена на уставот. Надлежната собраниска комисија, отвори дебата за измена на највисокиот правен акт во државата во делот што се однесува на битката со организираниот криминал и притоа го поддржа предлогот на Владата за измена на Уставот што ќе овозможи меѓусебна размена со други држави на лица обвинети за организиран криминал. Уставната промена пред пратениците ја промовираше министерот за правда Михајло Маневски.

„Со наведените измени ќе се зајакнат капацитетите на институциите за справување со организираниот криминал и корупција чии интензитет е зголемен. Ве молам да донесете одлука за пристапување кон промена на Уставот, член 4 став 2.“

Mazedonischer Justiz Minister, Mihajlo Manevski

Министерот за правда Михајло Маневски

Бучковски: Ова е опасен преседан

Опозицијата остро се спротиставува на отворањето на ова прашање без претходна консултација со останатите политички партии во земјата. Реакциите се темелат на ставот дека на Уставот му треба по сеоопфатна реформа, пратениците бараат да не се применуваат парцијални решенија.

„Ова е опасен преседан експеримент што го прави министерот Маневски. Ова е опасно за демократијата. За нас е поважно не дали некој ќе биде предаден или екстрадиран туку како да го протераме или депортираме Маневски од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители“, реагираше Владо Бучковски од СДСМ.

Можни и други промени

Знак дека на уставот му е потребна промена според Флора Кадриу од Нова Демократија се проблемите за имплементација на Охридскиот договор десет години од неговото потпишување.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов го поддржува владиниот преглог. Смета дека тоа ќе ја зајакне битката со криминалот но бара да се употреби поширока формулација за да се избегне потребата од премногу честа корекција на Уставот.

Освен оваа промена на Уставот, Парламентот наскоро ќе треба да го разгледа и барањето на верските заедници за промена на членот на уставот за бракот да се дефинира единствено како заедница помеѓу маж и жена.

Автор: Горан Петревски

Редактор: Симе Недевски