1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Македонија пред важен дуел против Русија

Македонските ракометари попладнево играат важен меч против Русија на Светското првенство во Шпанија. По поразот од Исланд, капитенот Лазаров се надева дека изненадување е можно

Репрезентација на Русија е противникот на македонските ракометари во четвртото коло на 23-то Светско првенство.

Македонската репрезентација, по стартните две победи на Мундијалот во Шпанија, во третото коло, во вторникот, загуби од Исланд 19:23.

Русија и нејзините можности, пред почетокот на првенството беа најголемата мистерија за сите противници во групата. Но по првите три кола Русите покажаа дека селекторот Кулешин, успеал да создаде една компактна репрезентација, чиј костур го сочинуваат Чуприн, Растворцев и Игропуло.

Русите, на стартот го победија Исланд, потоа во натпревар, во кој беа рамноправен противник загубија од Данска, а во вторникот, лесно ја одработија задачата против Катар.

Дуелот со Македонија, за нив всушност ќе биде борба за втората позиција во групата, бидејќи во последното коло, очекувано е тие да го победат Чиле.

EM Handball Mazedonien gegen Schweden

Кирил Лазаров

Селекторот на Русија, Кулешин, ги следи иновациите во ракометниот спорт, неговиот тим на Мундијалот во Шпанија игра ракомет кој се базира на брзите противнапади, кои произлегуваат од цврстата зонска формација 6-0.

Русите, како наследници на поранешниот СССР, доминираа во светскиот ракомет во 70-те и 80-те години, играа значајна улога и по осамостојувањето, но последниот значаен резултат на големите натпреварувања го имаат забележано во 2004 година, кога на олимпијадата во Атина го освоија бронзениот медал.

Од Атина, Русија, константно бележи лоши резултати на европските и светските првенства односно олимпијадите. Тие не учествуваа на Мундијалот во 2011, ги пропуштија ОИ, а на последното ЕП во Србија, каде Македонија беше петта, завршија на претпоследното 15-то место, овој Мундијал тие го гледаат како вистинска шанса за враќање на големата сцена.

На големите натпреварувања, Македонија има позитивен скор против Русија, на ЕП во 1998 година беше 26:26, а на СП во 2009 година нашата репрезентација победи со 36:30.

Македонските ракометари имаат добра шанса и во среда да забележат позитивен резултат, но до него ќе можат да стигнат само доколку ја поправат играта во нападот, која во првите три средби беше катастрофална, особено тоа се однесува на натпреварот со Исланд, на кој Македонија имаше дури 17 загубени топки.

„Русија мислам дека можеме да ја фатиме на спиење, треба само да размислуваме позитивно и во Србија имавме тешки моменти па на крајот се извлековме, ништо не е загубено“, рече по натпреварот со Исланд македонскиот капитен Кирил Лазаров.