1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија прави сѐ за да спречи злоупотреба на безвизниот режим

Македонската министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска на министерската средба во Будва потенцираше дека фокусот на Македонија е врз подобрување на условите за живот на ранливите категории граѓани

На форумот на Министрите за внатрешни работи и правда „ЕУ Западен Балкан“, што од четвртокот се одржува во Будва, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, во своето обраќање посветено на механизмите за следење на поствизната либерализација и гранично управување пред своите колеги истакна дека Македонија ги презема сите неопходни мерки и прави напори што е можно повеќе да се намали бројот на лажни азиланти од земјава, кои, за жал, сѐ уште се присутни во западноевропските земји.

„Владата на Република Македонија презема превентивни и репресивни мерки за обесхрабрување на злоупотребата на безвизниот режим“, истакна Јанкуловска која потенцираше дека фокусот на земјата е врз подобрување на условите за живот на ранливите категории.

Поствизната либерализација беше една од главните теми на министрите за внатрешни работи, односно мониторингот на истата и состојбата со бројот на лажните азиланти и граничното управување. На средбата учествуваше и еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија

Малстромкоја порача дека дека државите од Западен Балкан мора до пролет наредната година година да покажат јасни резултати во намалувањето на бројот на азиланти кои од тие држави доаѓаат во Европската унија бидејќи во спротивно ризикуваат укинување на безвизниот режим.

„Постои опасна појава. Четири пати е зголемен бројот на апликации за добивање азил во држави од ЕУ, а најголем дел од тие граѓани се од регионите на Западен Балкан, што е голем проблем“, изјави Малстром.

Таа потсети дека ЕУ усвоила можност за укинување на безвизниот режим. „Тоа значи дека доколку се покаже неопходно, ќе го укинеме безвизниот режим со одделни држави“, потенцира таа.

Малстром смета дека државите од Западен Балкан треба дополнително да се посветат на решавање на прашањето за азилантите и оти од нив се очекува да покажат повеќе мерливи резултати во борбата против организираниот криминал.

Инаку главен акцент на средбата во Будва е поставен и на нелегалните миграции и нивното спречување кога станува збор за миграциите од ризичните подрачја, имајќи предвид дека земјите од Западен Балкан се наоѓаат на западноевропската рута која е една од најпогодните за мигрантите што доаѓаат од Азија и Африка.