1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија почнува да ги губи своите „планински очи“

Во идните 50 до 100 години Македонија ја очекуваат засилени и продолжени сушни периоди, поради кои најзагрозени ќе бидат постојаните мразовнички езера. На овие „планински очи“ на Македонија им се заканува исчезнување.

„Во наредниот век претстојат зголемувања на летните и зимските температури од 2,2 дури до 5,4 целзиусови степени. Годишните количества на атмосферски врнежи ќе се намалуваат за 6 до 26 проценти особено во текот на летата“, проценуваат експертите во анализата на климатските влијанија во Македонија, која е содржана во „Вториот национален извештај кон Конвенцијата за климатски промени“ на надлежните државни институции. Експертите предупредија дека водните екосистеми, меѓу кои и мразовничките езера на планините, ќе бидат најсилно изложени на ваквите промени во климата.

Републичкиот хидрометеоролошки завод вршел мерења на температурите и врнежите во периодите од 1961-1990 и 1971-2000 година: податоците покажуваат тренд на слаб пораст на просечните годишни температури во периодот 1971-2000 година во споредба со 1961-1991 година во речиси сите анализирани региони во Македонија, освен во пелагонискиот и охридскиот регион. Во последниве триесет години значително се намалило количеството на врнежи во најголемиот број региони, освен во Битола и Крушево, каде што не се регистрирани никакви промени. Најзначајни промени, односно намалувања на атмосферските врнежи, се забележани токму во планинските региони, особено Маврово и Попова Шапка, на Шар Планина: околу сто милиметри годишни врнежи.

„Животот на мразовничките езера на Шара згаснува полека“

По Пирин со 176 и Рила во Бугарија со 140 мразовнички езера, Шара е на трето место меѓу планините на Балканот според бројот на вакви езера. Денес на делот на планината, што и припаѓа на Македонија, се наоѓаат 30 такви езера, од кои 21 се постојани. Препознатливи според нивната ретка природна убавина, овие водни површини од поодамна се наречени „шарски очи“. Македонското еколошко друштво во својата научна публикација „Природните вредности на Шар Планина“ предупреди: „Животот на мразовничките езера на Шара згаснува полека. Со наталожување еродирани почвени честички и органска материја, овие езера стануваат поплитки, за на крај целосно да зараснат со вегетација и по одредено време сосема да исчезнат".

Според еколозите, најсериозната причина за загриженоста произлегува од настапувањето на глобалните климатски промени: колку помалку ќе има снег и други атмосферски врнежи и колку потопло ќе станува времето, толку помалку ќе има вода, со која ќе се „напојуваат“ мразовничките езера. Толку побргу тие ќе испаруваат. Намалување на количеството вода му се заканува најмногу на најголемото, Боговинско Езеро, долго 452, широко 225 метри. Во минатото неговата површина била многу поголема, но, поради природните испарувања и црпењата на водата и од луѓето, тоа е сега сведено на само 67 илјади квадратни метри водна површина – претворени во мочуриште.

Mazedonien Bogovinsko See

Боговинско Езеро

„Потребно е да се воспостави систем на долгогодишни набљудувања

Љупчо Меловски, професор во Природно-математичкиот факултет на Државниот универзитет во Скопје и претседател на Друштвото на еколози на Македонија вели: „Треба да се воспостави систем на набљудувања во долга низа години, за да се согледа што се случува точно со глацијалните езера. Можеме само да претпоставуваме дека најголемиот број од нив ќе ги снема, ако се зголеми температурата за два до три степена во следните педесет години. Засега се забележливи однесувањата на луѓето. Тие ги празнат мразовничките езера на Јабланица низ каналите, кои ги поставиле. Овчарите продолжуваат упорно да ги испуштаат отпадните води од околните бачила во Боговинското Езеро, веќе сега е претворено во бара со алги, како и во другите вакви езера на Шара, а никој не презема ништо.“

Јован Божиновски, претседател на Планинарското друштво „Љуботен“ од Тетово, се надоврзува: „Во последниве петнаесеттина години се намалува нивото на мразовничките езера, а во некои години тоа се зголемува. Во овој сушен период нивото на водата во нив е многу пониско одошто треба да биде. Просечната длабочина на едно од поубавите 'шарпланински очи', Ливадичкото Езеро, е околу седум метри, но во последниве три години таа се намалува за 1,5 до 2 метри. Во дождливите месеци во годината количеството на вода во него се зголемува. Тоа не се случуваше пред десеттина години. Засега ситуацијата е далеку од тоа мразовничките езера на Шара сосема да пресушат, оти и самите имаат извори на своите дна. Од нив се ’хранат’ колку-толку со вода.“

На Баба Планина со Пелистер најпознати се три мразовнички езера, меѓу кои е и Големото Езеро. Тоа е долго е 223 метри, широко 162 метри, а длабоко 14,6 метри. Тоа е најдлабокото глацијално езеро во Македонија.

Зоран Пројчевски, вработен во Информативниот центар на Националниот парк „Пелистер“ вели: „Најголеми осцилации кај овие планински езера, односно намалување на длабочината, се забележани кај Големото пелистерско Езеро – за 2,25 метри, а кај Малото Езеро за 0,5 до до 1 метар во екстремно сушни години. Општо земено, глобалното затоплување се’ уште нема некое посебно влијание врз глацијалните езера во Националниот парк 'Пелистер'. Но, ако глобалното затоплување продолжи во вакво темпо, со драстично зголемување на температурите, ќе се намалува водниот биланс на водата. Тоа ќе придонесе кон нивно исчезнување, кое би настанало по илјадници години.“

Спречувањето на можната целосна загуба на македонските мразовнички езера, која како процес е веќе започната, би морало да биде еден од приоритетите не само во научните елаборати на еколошките асоцијации, туку и во развојните планови на самата држава. Деструктивното дејствување на човечкиот фактор мора да се намали на најмала мера, за да може да се „амортизира“ колку е можно повеќе влијаењето на климатските растројства врз преубавите „планински очи“ на Македонија, тие вистински споменици на природата.