1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија под дипломатски притисок

Дали ќе има одлучувачко придвижување во македонско -грчкиот спор околу името во пресрет на самитот на ЕУ, кој се одржува идната недела? Белгија преку амбасадорот во ЕУ порача, дека без решение за името нема преговори.

default

Македонија не може да ги започне преговорите за членство во Европската унија додека не го реши спорот околу името со Грција. Ова денеска, како што пренесува агенцијата Хина, го изјави белгискиот амбасадор во ЕУ Јан де Рујт, претставувајќи ја програмата на белгиското претседателство со Унијата, што ќе започне од 1. јули и ќе трае до 31. декември. Тој додава дека од земјите на Балканот, Црна Гора е најблиску до отворањето на преговорите.

Во писмената изјава за медиумите на словенечкиот министер за надворешни работи Самуел Жбогар пак се вели дека Словенија е и ќе остане големи активен подржувач за интеграција на Македонија во евроатлантските структури. Жбогар, во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи од ЕУ во понеделник во Луксембург, искажува надеж оти Скопје и Атина што поскоро ќе најдат решение за спорот за името

UN Vermittler Matthew Nimetz

Посредникот на ОН Метју Нимиц

за деблокирање на евроинтергациите на Македонија.

И медијаторот Метју Нимиц е во контакт со претставници на Македонија и на Грција, но засега нема да открива детали зашто се дискутира. Амбасадорот Нимиц ќе закаже формална средба ако и кога ќе смета дека е потрбена, се вели во писмената изјава на заменик портпаролот на Светската организација Ари Гаитанис.

Македонските политичари го оценуваат однесувањето на Грција како неправедно

Mazedonien Präsident Gorgi Ivanov

Претседателот Ѓорге Иванов

Ветото како антиисториски и антиевропски чин не треба да се злоупотребува за ситни и себични цели, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов, на отворањето на Конференцијата „20 години по обединувањето на Германија“ што во организација на канцеларијата на фондацијата „Конрад Аденауер“ се одржува во Охрид. Иванов оцени дека Европската унија без Балканот и без Македонија е како незавршена приказна. „ЕУ треба да остане достојна на големата визија за обединет и отворен континент. Затоа, не треба да се попречува членството на Македонија во ЕУ“, истакна Иванов.

Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски пак денеска во Охрид со изјава дека врз Македонија се врши притисок за попуштање и дека не може да прогнозира што ќе се случи на јунскиот самит на ЕУ, дали земјата ќе добие датум за почеток на преговори.

Mazedonien Außenminister Antonio Milososki zu Kosovo

Министерот Милошоски

„Не е тешко да се забележи дека Македонија е под извесен притисок и од македонската страна се очекува со прагматичност да ја плати непрагматичноста на Грција, со разумно однесување да го плати неразумното, и на некој начин агресивното однесување на Грција во изминативе 10-15 години, вели Милошоски. Грција од една страна ја злоупотребува својата позиција како членка и ја попречува одлуката која што ја заслужуваме и е препорачана од Европската комисија, а тоа е почеток на преговорите за членство во Европската унија. И втората работа е што на билатералниот македонско-грчки дијалог каде што имаме намера и желба да стигнеме до одредено заедничко решение и прифатлив компромис, се обидуваат да диктираат и да наметнат свое грчко решение наместо да остават малку простор и флексибилност за заедничко решение. Тоа е главниот проблем. Во оваа ситуација не би можел да дадам одредена прогноза што и како ќе се случи, но во секој случај ова прашање ќе продолжи да биде актуелно како и досега, а ние ќе се обидуваме да го дадеме максимумот за да извлечеме што поповолни резултати и позиции, пристап на Република Македонија, во интерес на нашите граѓани.“

Автор: ЗЈ/ МЈ/ ЖА/ миа/ макфакс/ хина

Редактор: Александра Трајковска