1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија подобро ќе се поврзе со соседите

Македонија предвидува неколку значајни инфраструктурни проекти во 2013. Најважни се делниците од коридорот Исток-запад бидејќи земјата добива полесен пристап кон две значајни пристаништа во регионот.

Со воз до Охрид на езеро или во Албанија на море, по модерен автопат до Софија, или до Приштина. Овие засега невозможни патувања треба да станат достапни во наредните години. Македонија си постави цел до 2021. да изгради нова и да ја модернизира постоечката патна и железничка инфраструктура.

Автопат кон Приштина, пруга кон Бугарија

Изградбата на автопат од Скопје до Приштина стартува на почетокот на 2013. а за наредната година е предвидено и „воскреснување“ на вечниот проект, пругата кон Бугарија. Работите на патот Смоквица-Демир Капија, со што ќе се комплетира авопатот на коридорот север-југ по целата должина во Македонија, се веќе во тек. За бизнис заедницата од Македонија но и за компаниите од соседните земји како и за потенцијалните странски инвеститори и партнери инфраструктурата е еден од базичните елементи за подобрување на деловната клима.

„Вистина е тоа дека нашата држава подолго време ја мачи соодветната комуникација со соседите поради слабо развиената патна и железничка инфраструктура. Особено паметно е во време на криза да се инвестира во такви проекти бидејќи според една наша студија работа на проект каков што е коридорот 8 може да отвори до 50 илјади работни места“, објаснува за Дојче веле Мендeрес Кучи, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Неодамна во македонскиот главен град се одржа меѓународен саем за транспорт и логистика. Учесниците заклучија дека обновата и изградбата на нова патна и железничка инфраструктура ќе ja поттикнат економијата.

Ќе се реконструира пругата кон Грција

Освен отворање на нови линии, за шпедитерите од исклучително значење е и зголемувањето на носивоста на пругата кон Грција. Директорот на Македонски железници транспорт Оливер Дерковски за Дојче веле објаснува што значи тоа.

„До крајот на 2013. е планирана реконструкација на 54 километри од железничкиот коридор 10, со што нашата пруга ќе биде оспособена за движење со поголема брзина, возовите ќе можат да се движат со брзина од 80 до 100 километри на час во зависност од тежината“.

Hauptbahnhof in Skopje von außen, Mazedonien

Бизнисмените велат дека патиштата и новите железнички линии им се толку неопходни што се подготвени да се вклучат во проектот и како концесионери.

„Ние сме подготвени сами да се јавиме како концесионери. Ако државата нема пари или ако не може да најде концесионери како што вели, Стопанската комора на северозападна Македонија е подготвена самата да го решава коридорот 8“, вели Кучи.

За изградба на автопатот помеѓу Скопје и Приштина постои голем интерес. Во трка се две големи компани, една американска и една австриска. Според најавите работите на патот од Блаце кон Приштина ќе почнат за неколку месеци.

Поради трендовите во европската економија во изминатите години имаше пад во обемот на транспорт. Намалувањето беше најголемо минатата година но во претстојниот период се очекува зголемување на транспортните текови со оглед на прогнозите што се однесуваат на глобалната економија.