1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија подготвена за Филе

Некои рокови се пробиени, но генерално земјата се придржува на утврдената агенда. Аналитичарите очекуваат затворање на некои прашања кои се повторуваат со години.

Скопје и Брисел деновиве разменија позитивни политички пораки. Македонскиот премиер ја поздрави изјавата на комесарот за проширување. На Никола Груевски му се допадна впечатокот на Штефан Филе дека Македонија се однесува конструктивно во однос на евроинтеграциите. Во септември еврокомесарот доаѓа во Скопје на нова рунда од дијалогот на високо ниво. Дали се исполнети задачите определени со првиот рок, крајот на јуни, Дојче веле ги праша аналитичарите. Ивица Јосифовиќ, професор по европско право на Универзитетот ФОН, смета дека Макеоднија подготвена ќе го дочека Филе.

„Со она што го имаме сработено досега апсолутно сме подготвени да го пречекаме Филе. Проблем е тоа што ќе се случува по септември. Верувам дека Филе ќе дојде со задоволителни пораки и во септември и дека годишниот извештај ќе биде позитивен. Проблем е како дипломатијата ќе се постави за самиотот во декември“, вели Јосифовиќ.

Кога владините претставници го оценуваат интегративниот процес велат дека Македонија дури и во оваа фаза во некои сегменти е понапред од некои земји членки на Унијата. Кога оценуваат опозиционерите, тие критикуваат дека Македонија во последниве години назадува во евроинтеграциите.

Некои прашања се повторуваат со години

За Малинка Ристевска – Јорданова, од Институтот за европска политика, е спорно што Македонија со години троши енергија на прашања кои наместо да се решаваат, се повторуваат.

„Тоа значи дека има проблем во поставување на целите и во имплементацијата. Еве пример: изборен законик, закон за финансирање партии, избирачки список. Истите цели биле поставени и пред година, и пред две години, и не се реализирани. Затоа се поставува прашањето дали Македонија не троши премногу енергија во еден процес кој личи на рециклирање на политичките критерими“.

Mazedonien Skopje EU-Kommissar Stefan Füle

Филе може да донесе пофалби во септември, но што потоа?

Македонија има три рока да ги затвори отворените прашања

Професорот Јосифовиќ тврди дека во многу области Македонија е понапред од некои земји членки.

„Три - четири години истражував за процесот на проширување на ЕУ во кои ги опфатив и политичките критериуми на Македонија и на државите од Централна и Источна Европа и можам слободно да кажам дека Македонија во ова ниво каде каде е во подобра позиција во спроведувањето на реформите и исполнувањето на критериумите од некои држави кои влегоа во 2004 година и оние во 2007 и тоа се однесува и на судствотото, и на јавната администрацијата и на изборниот систем“, објаснува Јосифовиќ.

Со дијалогот на високо ниво се опфатени повеќе прашања и определени се три рока за нивно затворање. Крајот на јуни, крајот на септември и крајот на декември. Во септември Советот за радиодифузија треба да ги примени правилата што се однесуваат на сопственоста на медиумите, а освен тоа треба да бидат донесени изборниот законик и законот за финансирање на политичките партии, како и законот за следење на комуникациите, за чие донесување е неопходно дво-третинско мнозинство.