1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија повторно извиси во Брисел

Македонија ќе чека на датум за почеток на преговори со ЕУ за време на шпанското претседателство од 1 јануари до 30 јуни 2010 година. Противењето на Грција, но и на други земји членки на ЕУ, ја блокираше одлуката.

default

Министрите за надворешни работи на ЕУ, по речиси дводневно заседавање на оваа тема, не успеаја да договорат ниту формулација во завршната изјава со која на Македонија ќе и‘ беше ветен датум за преговори на следниот самит во март, туку е усвоен општ заклучок оти тоа ќе се случи за време на шпанското претседавање.

Слично како и на самитот на НАТО во Букурешт и овојпат се покажа клучно лобирањето на Грција, која инсистира на решавање на спорот за името, пред да и‘ дозволи на земјата напредок во евроатлантските интеграции. Европски дипломат за агенцијата Ројтерс изјавил дека Атина укажала оти не планира да ја тргне блокадата се‘ до завршувањето на претседателските избори во земјата во март 2010 година.

Грција имала поддршка

Според агенциските извештаи, иако најгласна, Грција не била единствената членка на Унијата која се противела на одредувањето датум за нејзиниот северен сосед. Забелешки за таквата одлука, според неофицијални извори, имале и Кипар и Бугарија, но и неколку други неименувани држави. Големите европски држави, Франција, Велика Британија и Германија биле воздржани на состаноците посветени на Македонија, наспроти Шведска и други источно-европски земји кои барале да се одреди датум.

Beligen EU Präsidentschaft Schweden Carl Bildt

Поддршка до последен момент: Карл Билт

„Солидарна поддршка“ од Франција

Францускиот државен секретар за европски прашања Пјер Лелуш меѓу редови ги потврди таквите тези уште вчера, кога изјави дека Париз не е заинтересиран за понатамошно проширување на Унијата по најавениот прием на Хрватска и Исланд во 2012 година. Според изјавата на Лелуш, Франција ја поддржала блокадата на Грција за Македонија од солидарни причини, иако рече дека „преговорите со Македонија се во интерес на ЕУ и тоа е важно за процесот на стабилизација на Балканот“.

Во завршната декларација за Македонија, се поздравува напредокот во земјата, особено во борбата против корупцијата, но и се повикуваат властите да ја обезбедат независноста на судството. Министрите на ЕУ ја повторуваат потребата од решавање на спорот за името и одржувањето добри односи со соседните земји.

Автор: БГ/АТ/ројтерс/ап

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM