1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија паѓа во канџите во дрогата

Дрогата во Македонија станува се поголем проблем. Општеството засега останува без организиран одговор. Зависниците често пати се препуштени сами на себе, акцијата против еден од најтешките пороци е стихијна.

default

Денеска ширум светот се одбележува Меѓународниот ден за борба против наркотици. Каква е состојбата на ова поле во Македонија?. Луѓето кои секојдневно ангажирани во помагањето на зависниците предупредуваат дека земјата полека но сигурно паѓа во канџите на дрогата. Македонија засега нема одговор на ова растечко зло. Ситуацијата станува алармантна. Порастот на бројот на зависници е евидентен. Се намалува само возраста кога се почнува со дрога. Превенцијата е дел од проблемот, третманот на зависниците и нивната ресоцијализација се речиси еднакво неуспешни. Според официјалните бројки во Македонија има меѓу 6 и 8 илјади зависници од дрога. Неофицијално бројката надминува 20 илјади. Полицијата има едни податоци, Министерството за здравство други, невладините организации трети.

Drogen Heroin Symbolbild

Изостанува организирана акција

Државата нема национален регистар, агенција што во секој момент ќе располага со точна евиденција колку луѓе во Македонија тонат во бездна. Земјата дури во 2006 година донесе Национална стратегија за борба против зависноста. Но сеуште изостанува организирана акција. Македонското општество и натаму стихијно му се спротиставува на овој проблем.

„Имаме закон за здравствена заштита, имаме устав, сите сме еднакви ама не сме еднакви. Некој ќе рече ама тој сам си е виновен за тоа. Не е така. Зависникот на 14 или 15 години не знае што е дрога. Дали е некој виновен што заболел од дијабетес? Државата е должна да се грижи за неговото здравје. Исто е и со зависниците, ама за жал не е така“, објаснува за Дојче Веле, доктор Христијан Јанкулоски од невладината ХОПС.

Во скопската населба Кисела Вода се наоѓа Центарот за зависници. Во подножјето на Водно во зграда која памети и поубави времиња секојдневно по својата терапија доаѓаат неколку стотици зависници. Неколку десетици се сместени во стационарот. Директорката др Љиљана Игњатова признава дека е тешко да се работи во таквки услови.

“На 160 пациенти на сите оддели имаме по двајца лекари. Психијатри кои дежураат, викенди, годишни боледувања, одмори. Секако дека може и треба подобро“.

Drogen, Kokain

Стигматизирање и на оние што помагаат

Двајцата соговорници на Дојче веле тврдат дека зависниците во Македонија се дискриминирани. Употребата на дрога е силен извор на стигма и дискриминација, која што многу често е повеќеслојна, а корисниците на дрога во Македонија се третираат како криминалци.

“Најмал е бројот на моите колеги кои сакаат да работаат на оваа проблематика. Дури нас не стигматизираат што сакаме да работиме со зависници, вели доктор Игњатова.

Расте бројот на зависници во затворите, а растечки тренд има и бројот на смртни случаи од предозираност. Во нацоналната стратегија пишува дека годишно само во Скопје меѓу 150 и 190 зависници умираат од предозираност со дрога. Според официјалната статистика сега на лекување се околу 1.200 зависници, ставени на супституциски третман. Според пресметките на ХОПС, трошоците за лекување на зависницоте се помали октоколку да тие да не се третираат и да бидат препуштени сами на себе.

Автор: Горан Петревски

Редактор: Симе Недевски