1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија очекува искрен однос од соседите

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во Брисел се сретна со еврокомесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе, со кого разговараше за извештајот на ЕК што треба да биде објавен во април.

Министерот Попоски на Филе му ги предочил чекорите што ги прави Македонија со цел задржување на позитивниот моментум на реформи во земјата во очекување на позитивен извештај, кој во јуни би обезбедил добивање датум за почеток на пристапните преговори, според заклучоците на последниот Самит на Европскиот совет, како што јавува дописникот на МИА од Брисел.

„Со еврокомесарот за проширување разговаравме за повеќе теми, главно поврзани за она што следи по успешно завршениот Пристапен дијалог на високо ниво (ХЛАД). Комисијата ќе продолжи да биде инволвирана во овој процес и јас го запознав Филе со позначајните активности кои ќе ги превземеме во делот на законски и подзаконски акти, а разговаравме и за оној дел кој се однесува на решавање на сите блокади што ни беа наметнати во изминатиот период. Тука, нашиот однос е исклучително отворен и сметам дека она што го имаме постигнато во правец на соработка и иницијативите, кои ги имаме поднесено кон нашите соседи е нешто што треба да им помогнат тие да се извлечат од ситуацијата во која би го декредибилизирале процесот на проширување на ЕУ на Балканот’, изјави министерот Попоски по состанокот.

„Сметам дека во април, Комисијата ќе може да даде една солидна оценка за сето она што Македонија го има направено за добрососедството“, потенцира министерот за надворешни работи.

Stefan Fule

Еврокомесарот Штефан Филе

Според Попоски, македонската дефиниција за добрососедство е искреност, и тој смета дека таков искрен однос треба да се очекува и од сите оние што сакаат да придонесат кон реализирање на евроатлантските интеграциски процеси.

На прашањето дали на оваа средба со еврокомесарот се разговарало и за иницијативите кои Филе ги превзема во однос на придвижување на преговорите за решавање на спорот за името со Грција во однос на уставното име, македонскиот министер за надворешни работи со одговор:

„Мораме да бидеме многу јасни дека прашањето за името има сопствен мандат, кој е во Обединетите нации и тој мандат е неприкосновен и не може да излезе од тие рамки. Она што се однесува до иницијативите превземени од страна на ЕК, тие се за зголемена динамика на комуникацијата и давање на објективна оценка за тоа кој и колку придонесува, односно непридонесува во тој процес. Какви било идеи за зголемена комуникација се секогаш добредојдени од страна на Република Македонија. Јас го изразувам нашиот став и тој е секогаш позитивен кон дијалог, градење на позитивна клима и разменување на аргументите врз основа на кои се носат одлуки, рече Попоски.

Еврокомесарот Филе не даде изјава по средбата, ниту неговата канцеларија излезе со соопштение. Според портпаролот Петер Стано, станува збор за редовна комуникација, но со напомена дека целта е подготовката на пролетниот извештај на ЕК.