1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

„Македонија не си обезбеди подобра стартна позиција“

Глигорие Гоговски беше претседател на последниот Извршен совет на Македонија. Во улога на премиер на преодната влада, тој ги подготви првите плуралистички избори. Еве ги неговите впечатоци од тој бурен период.

default

Поранешниот премиер на преодната влада, Глигорије Гоговски

Македонија загуби една милијарда долари и во процесот на осамостојување влезе без доволно девизни резерви. Поради нерешителноста на економските и правно-политички експерти, меѓу кои Киро Глигоров и академик Никола Кљусев, на последната комунистичка Влада во Скопје не и’ беше дадена храбра согласност за истоветен монетарен упад, каков што Србија, Словенија и Хрватска направија на крајот од 89-та и почетокот од 90-та, извлекувајќи од федералните фондови и буџет од 2 до 4 милијарди долари, се сеќава Глигорие Гоговски.

„Тоа беше јасен сигнал дека Југославија се распаѓа, но мнозинството од моите министри не сакаа да ме следат во донесувањето на политичка одлука, со која на двете тогашни македонски банки, Стопанска и Комерцијална, ќе им беше дадено зелено светло да повлечат најмалку милијарда долари од сојузните резерви во Белград, што тогаш изнесуваа над десетина милијарди долари“, додадава претседателот на последниот Извршен совет на Македонија.

Mazedonien Politik Ex-Ministerpräsident Nikola Kljusev

Премиерот на првата избрана влада на Македонија, Никола Кљусев

Упад во монетарниот систем

„Одлуката беше политичка, но малкумина од министрите се одважија да ја поддржат, откако тоа не го направија повиканите експерти, а и тогашниот гувернер Борко Станоевски се спротивстави“, објаснува Гоговски. Тој потсетува дека на Анте Марковиќ, последниот југо-премиер, во Скопје, македонската Влада му соопштила дека проценува оти федерацијата се распаѓа, дека е жртва на српскиот хегемонизам и оти монетарниот упад е дел од тоа смислено сценарио.

Дилемите и борбите – ќе опстане ли Федерацијата - „не’ принудија да подготвиме Бела книга со неповолни сценарија за македонската економија, што беше зависна од југословенските пазари и особено од наменската индустрија на ЈНА. Таа со својот годишен обрт од 7- 8 милијарди долари беше најголемата и „најпрофитабилна компанија и извозник“. Тој таен документ му беше доставен на претседателот Киро Глигоров, претседателот на парламентот Стојан Андов и премиерот Никола Кљусев, а во јавноста беше третиран како дефетистичка проценка за капацитетите на Македонија да стане самостојна држава.

Технократ на власт

Инженер Глигорие Гоговски, од позицијата на директор на текстилниот гигант „Тетекс“, што вработуваше преку 6 илјади Тетовчани, комунистичкиот врв го избра како економско-политички технократ кој требаше да ја извлече Републиката од големиот и континуиран економски застој наспроти другите федерални членки.

Kiro Gligorov

Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров

Во неговиот работен кабинет кариерите, како најдобри студенти, ги започнаа банкарите Хари Костов, кој во 2004 стана и премеир, Драгољуб Арсовски и Никола Поповски, кој подоцна беше и министер за финансии во владата на СДСМ. Тој се определи за микс од надежни универзитетски професори и врвни менаџери, меѓу кои професорите Беличанец, Камбовски, Климовски, Несторовски.

Во моментите на неизвесноста на иднината на југофедерацијата, Извршниот совет предводен од Гоговски доби статус на македонска Влада, која во продолжениот едногодишен манадат го подготви македонското општество за премин од монопартизмот во политички плурализам, а ги организираше и првите повеќпартиски избори. „Прво се донесе законот за регистрација и формирање на партиите, потоа изборите се одржаа во октомври-ноември и беа оценети како фер и демократски, по еден долг период на монопартизам“.

Ерата на пазарна економија

Гоговски вели дека кон крајот на осумдесеттите македонската економија и менаџери веќе ги перципираа слободниот пазар, претпримаштвото и економската конкуренција, па и првите знаци на обновена приватна сопственост и инвестиции. „Во времето на Марковиќ започна приватизацијата и акционерството, ние не го оспоривме концептот зашто сметавме дека е потребно тој процес што побрзо да започне и експресно да заврши“.

Владата на Гоговски, во договор со тогашниот поглавар на МПЦ Г.Г. Гаврил, за само три години го изгради големиот Соборен храм Св. Климент.

„Секојдневно патувајќи на релацијата Скопје-Тетово не можев да го гледам распадот на започнатите темели на објектот стартуван со градба во 1971 година“, се сеќава за ДВ, Глигорие Гоговски.

Wahlen in Mazedonien

Тогашниот претседател на Собранието, Стојан Андов

Недостасува взаемна почит

Тој, како стар Тетовчанец, израснат во мултиетничка средина, заклучува дека во „пострамковна“ Македонија бавно се враќа старата логика на взаемно почитување и познавање на староседелците – Македонци и Албанци. Тој на локалните власти, со кои сега доминантно раководат Албанци, им забележува за тесноградоста, што доведе до тоа на Илинден во Тетово да не се развее државното знаме. „Секоја чест на се’ пообразованите кадри кај Албанците, но се чини дека треба да се гради амбиент на вземна доверба според европските модели, на толеранција и взаемно почитување на државноста“.

Бурни води за Тетекс

Неговиот „Тетекс“, каде главно работат Македонци, беше поштеден во воениот конфликт и нападите од ОНА, а во тие драматични времиња „ударнички успевавме да извеземе на европските пазари производи во вредност од 17 милиони долари. Но, ако тогаш се спасивме, најновата најавена економска рецесија и налетот на растечкиот кинески текстилен извоз може да не’ потисне од европските пазари“, вели за ДВ Глигорие Гоговски, последниот еднопартиски премиер, кој денес со своите 68 години и натаму го раководи текстилниот комбинат, што во време на комунистичкиот период знаеше да диктира европската мода на југопазарите.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Горан Чутаноски