1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија не очекува промени по победата на Меркел

Убедливиот триумф на Меркел нема да предизвика промени во односот на Германија кон Македонија и регионот, коментираат познавачите на германско македонските односи. Берлин ќе ја задржи политиката на дистанца.

Македонија не треба да очекува промени во политиката на официјален Берлин по епилогот на сојузните избори и победата на Унијата ЦДУ-ЦСУ предводена од Ангела Меркел. Убедливиот триумф на Меркел според познавачите на германско македонските односи е очекуван и реален одраз на актуелните случувања во Германија. Сепак, од аспект на континуитетот во односите и курсот на надворешната политика, промени не треба да се очекуваат, посебно кон регионот на Балканот и Македонија, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Стево Пендаровски. Јадрото на политиката според него нема да се смени ниту милиметар, а фокусот на Берлин ќе биде главно насочен кон Белград и Приштина и реализацијата на бриселскиот договор:

„Во однос на Македонија Меркел има прилично јасна и некои сметаат и крута позиција во однос на името и јас мислам дека тоа така ќе остане. На страна тоа што таа е идеолошки блиска со владејачката партија во Македонија, досега не беше користена во ЕУ како наш поддржувач, затоа што не можеше, бидејќи повеќе ја почитуваше солидарноста кон една друга земја членка на ЕУ отколку нашите амбиции. Значи не се стави на наша страна, во тој спор се држеше на дистанца и колку што ми е мене познато во одредени стуаци во изминативе години е пуштена порака дека е нужна флексибилност и од македонска страна. Значи идеолошката блискост, барем на хартија, помеѓу овдешната и тамошната владејачка партија не беше поволна околност, затоа што Меркел има поинаква позиција во однос на името, не велам дека е прогрчка но сигурно не е и промакедонска “, коментира Пендаровски.

Angela Merkel und Nikola Gruevski im Kanzleramt

Ангела Меркел и Никола Груевски во Берлин, архива

Епилогот на изборите во Германија не го изненадува ниту политичкиот аналитичар Илија Боцевски, кој смета дека тие ќе го определат политичкиот и економскиот курс на Европската унија. За Македонија, според него ништо драматично нема да се промени. „Тоа што може да очекуваме е дека процесот на проширување ќе продолжи со истото ниво на ентузијазам (или подобро кажано индиферентност) на што сме сведоци од неуспешниот француски референдум, па наваму, коментира Боцевски и додава:

„Во однос, пак, на спорот за името, Македонија не треба ништо да очекува од третиот мандат на Меркел, но и од самата Европска унија. Досегашното ниво на незаинтересираност и натаму ќе доминира со европскиот однос кон македонскиот спор за името. Тука ќе повторам дека сум вчудоневиден од германската индиферентност за нивна поактивна општествена улога во Македонија, посебно имајќи предвид кои се‘ отворени авении за соработка постојат помеѓу двете држави. Тоа што, сепак, за сите нас е поинтересно е дали ќе дојде до промена на политиката на штедење во сферата на економијата што Германија ја наметна на земјите од еврозоната погодони со кризата, како и кои би биле евентуалните чекори за натамошна европска интеграција. Секако, во сите математики на Меркел над глава ќе и‘ виси изворедниот резултат на партијата ’Алтернатива за Германија’ која што отворено се залага против еврото, но за европската интеграција. Оваа партија за малку не влезе во Бундестагот, но покажа дека во Германија веќе постои силен општествен сегмент кој се противи на германскиот политички консензус за продлабочување на европската интеграција“, смета Боцевски.

Значајни промени во меѓусебните односи не очекува ниту професорот Горан Рафајловски, поранешен амбасадор на Македонија во Германија. Официјален Берлин според него ќе го задржи политичкиот курс, без разлика дали на чело со Меркел или некоја друга политичка опција. Во вакви услови според него е клучна поддршката на економски план:

„Победата на конзервативната линија на Меркел нема да донесе значајни промени во политиката на Германија кон Македонија и односите помеѓу двете земји. Искрено кажано, Македонија е далеку на агендата на Берлин, кога станува збор за меѓународните прашања. Но мислам дека кој и да победеше на овие избори, германско-македонските односи ќе го задржат карактерот како и досега. Ќе имаат одреден тек на динамични, искрени и константни. Кога станува збор за евроинтеграциските прашања на земјата, мислам дека позицијата на Германија е јасна уште пред една деценија. Јасно е дека тие нема директно да се мешаат во спорот за името и сугерираат двете страни да дојдат до взаемно прифатливо решение, по што веројатно и би добиле поддршка во евроинтеграцискиот процес. Благо зголемување на поддршката очекувам во делот на стопанството, со оглед дека Германија е добар трговски партнер на Македонија и една од ретките земји со кои остваруваме суфицит“, смета Рафајловски

Македонија и Германија годинава одбележуваат две децении од воспоставувањето на дипломатските односи. Германија ја призна Македонија под привремената референца ПЈРМ на 8 април 1993 година, а официјално дипломатските односи беа воспоставени три месеци подоцна, 16 јули 1993. Односите помеѓу двете земји важат за традиционално добри, посебно во делот на економијата. Германија е главен трговски партнер на Македонија во ЕУ и една од ретките земји со кои има суфицит во размената.