1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Македонија не може да се вика поинаку“

Од Генералното Собрание на Паневропската меѓународна унија, кое се одржува во Стразбур, дојдоа охрабрувачки зборови за европските интеграции на Македонија.

Претседателот на Паневропската меѓународна унија, Французинот Алан Терноар, за проблемот со името, како пречка во евро-атлантските интеграции на повеќе пати има истакнато дека смета дека тоа е лажен проблем.

„Тоа е типично лажен проблем, кој беше ставен во прв план и за што искрено жалам, бидејќи Македонија сите ја викаат Македонија. Сите ќе продолжат и понатаму да ја нарекуваат Македонија, па дури и оние што се спротивставуваат денес. Не постојат други средства за да се нарече поинаку, освен Македонија и точка. Ние ги знаеме прашањата поврзани со историјата, со грчката северна провинција итн. Но, нека ми кажат како може поинаку да се нарекува оваа земја освен Македонија. Дури и ако и’ додадевме едно друго име што ќе беше малку посложено, на крајот повторно во секојдневниот јазик ќе ја викавме Македонија. Тогаш се прашувам зошто сето ова, освен само да се забави неизбежниот и посакуван рок за интеграција во ЕУ“.

За жал ЕУ, според Терноар, функционира според принципот на едногласност при проширувањето и приемот на нови земји членки, сепак тој се надева дека  на крајот ќе победи разумот.

EU Gipfel Debatte Europa Parlament Straßburg Joseph Daul

Жозеп Дол

Потребно е да се реши проблемот со името веднаш

„Мене ми е дојдено прекуглава, затоа сега тоа го повторувам насекаде: проблемот со името не смее да биде пречка за членството на Македонија во ЕУ. Но затоа пак, потребно е да се реши проблемот со името веднаш“. вели во изјава за Дојче веле претседателот на групата на ЕНП при ЕП Жозеп Дол.

„Тука се ООН, сите работат на ова прашање, има предлози на масата, сега е потребно да се пресече и да се продолжи понатаму“.

Францускиот европратеник е против идејата преговорите за членство на Македонија во ЕУ да започнат пред да се реши проблемот со името.

„Јас сум против од едноставна причина. Ако не се реши проблемот со името пред почетокот на преговорите, во текот на целите преговори, секогаш ќе се соочуваме со тој проблем и ќе се вадиме на него дека не може да се напредува понатаму. Затоа посакувам тој проблем да биде решен веднаш.  Европа сега треба да ја истакне својата позиција, како што тоа го направи Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Македонија, кој побара почеток на преговорите за време на кипарското претседателство со ЕУ“, нагласува Жозеп Дол.

Nikola Poposki

Никола Попоски

Објективни согледувања

„Деведесет години по идејата на Ричард Куденхове Калерги за обединета Европа, денес Македонија е дел од видикот на вистинските Европејци кои се‘ уште работат за обединување на Европа. Претседателот на Европскиот парламент, претседателот на Паневропската унија на Германија и на Франција, сите тие се многу свесни и добро знаат дека Македонија е европска земја, дека има свои постигнувања, дека заслужува да го направи  потребниот исчекор напред. Како што се свесни дека единствениот проблем, кој што ја кочи нашата земја е грчко-македонскиот спор“, рече за Дојче веле, македонскиот пратеник Антонио Милошоски кој ја предводеше македонската делегација на Паневропската унија во Стразбур.

„Ова беше добра прилика да им укажеме на сите наши соговорници дека и по однос на грчко-македонскиот спор, ние го имаме капиталот на меѓународното право и правда преку пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг. Односно тоа е прилика која ќе ни даде можност да ги отпочнеме преговорите за членство и парарлелно со нив да се договараме со Грција за секој следен чекор“, додава поранешниот шеф на македонската дипломатија.

Охрабрувачки пораки од Стразбур

Охрабрувачки беа зборовите на францускиот европратеник  Жозеп Дол, претседателот на групата на Народните партии во Европскиот парламент (ЕНП при ЕП), кој пред учесниците на собранието нагласи дека „не може да се попречува влегувањето на Македонија во ЕУ, само поради прашањето со името.

„Ова е едно објективно согледување, ме радува што уште еднаш еден претставник на Европскиот парламент уште еднаш потврди дека тоа е институцијата која што најмногу не‘ поддржува и работи на промоција на вредностите на европската интеграција. Значајно е многу што од нивна уста доаѓа порака дека блокадите и минирањето на процесот на интегрирањето на Република Македонија во Европската унија не може да опстои“,  изјави за Дојче веле македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.

„Инсистираме на принципот ’стриктни но фер’. Стриктноста веќе долго време ја потврдуваме и добиваме позитивни препораки и мислам дека сега е време за една афирмативна акција да дојде од самата Европска унија и да се потврди правилото дека можеме да бидеме фер“, додаде шефот на македонската дипломатија.

Неговиот говор пред Генералното собрание на Паневропската меѓународна унија беше симболично, бидејќи оваа паневропска невладина организација веќе долги години се залага за обединувањето на европскиот континет, обединување кое според нив не е целосно без целосната интеграција на земјите од Балканот, во што се подразбира и Македонија во Европската унија.