1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

„Македонија не доцнеше со осамостојување, другите брзаа во војна“

Професорот Денко Малески е првиот македонски шеф на дипломатијата по осамостојувањето. Во негово време стигнаа првите признавања на Македонија под уставното име, но и времената референца ПЈРМ во ООН.

default

Фален, напаѓан и оспоруван, доктор Денко Малески беше првиот министер за надворешни работи во експертската влада на Република Македонија од 1991 година, предводена од Никола Кљусев. Подоцна беше претставник на Македонија во ООН, а сега предава меѓународна политика и право на Правниот факултет во Скопје. За времето во кое Југославија се распаѓаше со крвави судири и незивесноста што ќе се случи со Македонија зборува со носталгија и фигуративно вели дека двете години како министер за надворешни му тежеле како дваесет. Зашто за него и денес да се биде министер, значи да се носат издржани одлуки:

„Она што беше примарна задача на претседателот Киро Глиогоров и моја беше како да не бидеме заложници на таа братоубиствена војна и како со поддршка на европските институции и САД да стасаме до независност со политика на мирољубиво договарање. И тоа е она од тие тешки времиња што го сметам за најголем успех. Македонија во тие крвави години излезе од конфликот и стекна независност со мирни средства.“

Меѓународните фактори беа принудени да се обединат и да организираат конференција за Југославија и тоа нам ни го отвори патот директно во големата светска политика. Конференцијата траеше со месеци, во Хаг, па во Брисел, се сеќава Малески:

„Светот не` поимаше со љубопитност. Прво се чудеа кога ќе доаѓаа во Македонија или ќе отидев надвор , кога ќе речев дека ние сме за мирно решение за сложените југословенски проблеми, дека е потребно да има решение во насока на независност на државите . Но, тоа решение да биде во договор со којшто би се избегнала војна.“

Младите политичари и дипломати малку знаат како се градеше државата

Mazedonien Land und Leute Flagge

Македонија, дваесет години по прогласувањето независност

За новата генерација политичари и македонски дипломати, Малески вели:

„Не ги знаат стравовите низ кои помина мојата генерација во создавањето на државата. Тие не знаат за ситуациите да одиш на конференција, да бидеш во ходникот, а не седнат со останатите. Да те внесуваат во ОН преку влезот за туристите.“

Доктор Малески е свесен дека и денеска некои го сметаат за пројугословен и ги знае критиките дека своевремено наводно го притискал државниот врв да попушти во спорот со Грција за името, протежирајќи го ставот дека Македонија никогаш нема да може да постигне вистинска независност: Но, тој самиот се прецитира :

„Ние народите на поранешната федерација мораме да се раздвоиме во мир и во пријателство на конференциска маса со поддршка на ЕУ и САД. Никој не треба да презема брзи решенија коишто ќе го превртат бродот во којшто ќе се удават останатите. Нешто што го направи Словенија, па Хрватска, започнувајќи ја конфронтацијата со најголемиот виновник за кризата, а тоа е режимот на Милошевиќ и Србија. Таквата комплицирана идеја која се обидував да ја објаснам, кај некои успеав да ја објаснам. Другите поинаку ја разбираа како отпор кон независноста.“

Сон за Македонија во НАТО и ЕУ

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje

Македонија мора да го положи испитот на ЕУ и НАТО

На 8. април 1993 Македонија стана членка на ООН под привремената рефренца ПЈРМ. Малески беше првиот кој ги прими акредитивите и од земјите кои ја признаа земјата под нејзиното уставно име - Република Македонија :

„Првите признавања почнаа со Бугарија, Турција, потоа Русија. Јас бев радосен и благодарен. Но секогаш го тврдев следново – ние мораме да го положиме испитот на најтешките два универзитети НАТО и ЕУ.“

Анализирајќи ги годините по независноста има структури кои и` забележуваат на првата гарнитура македонски политичари, меѓу кои и на Малески дека биле колебливи и со тоа губеле време дури и во решавањето на проблемот со името:

„За жал дваесет години подоцна, уште не можеме да го положиме тој испит. Политичарите проценија дека е претежок. Прават маневри или лево или десно , па повторно се враќаат назад. Луѓето коишто помогнале да се избегне најлошото се оцрнуваат дека биле колебливи, дека доцнеле, дека не ги направиле навреме работите. Само ќе речам: Македонија не доцнеше, другите брзаа во војна. Тоа е она што во главите треба да си го вметнеме.“

Странците порачуваат: помогнете си сами за да можеме да ви помогнеме

Дека проблемот со името може да се реши на начин којшто можел да се реши пред дваесет години, кога јас учествував во барање излез и решение, а сега истото решение го предлагаат и владата и претседателот на државата со главниот град во заграда сега не е можно:

„Тогаш единствена пречка беше динстинкцијата меѓу државата Македонија и грчката провинција Македонија и како на меѓународен план да се направи разлика. Ние тогаш бевме нова држава. Сега е познато кои сме. Нашата политика на градење на идентитет којшто се базира врз античката македонска митологија, отвора нов идентитетски спор, кој е многу потежок Грците сега инсистираат не само на дистинкција помеѓу државата и нивната провинција, туку и на дистинкција меѓу двата македонски идентитети“, вели Малески и открива што странските политичари му порачувале и се` уште порачуваат за компромис со Грција за Македонија да ги продолжи евроатлантските интеграции: „Најголемата неправда би била Македонија да пропадне и да исчезне. Тоа ќе ви помогнеме да не се случи. Но, проголтајте некои други неправди за да можеме да ви помогнеме, за оваа да ја избегнеме.“

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Трајче Тосев

Поврзана содржина