1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

“Македонија не го дава својот текстил” – пишува париски “Фигаро”

Конкуренција од Далечниот Исток: текстилен погон во Бурма

Конкуренција од Далечниот Исток: текстилен погон во Бурма

Македонија не успеа да ја разнообрази својата индустрија наследена од социјалистичка Југославија. Една петтина од работните места е во земјоделството, додека остатокот е концентриран во не многу иновативте сектори: металургијата, текстилот, чевларската индустрија и рудниците на јаглен, хром, олово и никел, оценува париски “Фигаро”.

Текстилната индустрија, најдобро ги илустрира економските тешкотии со кои се соочува Македонија од самото стекнување на независноста. Текстилот претставува 25% од македонскиот извоз и вработува 33% од активното население. Најдобар пример, според весникот е Штип со неговите текстилни атељеа. Но, сите тие, 100% зависат од нивните клиенти, објаснува Стамен Трајанов сопственикот на “Линеа”. Клиентите ги снабдеваат атељеата со се што е потребно за да се изработат производите, кои потоа ги купуваат како готови производи. Така се избегнува плаќањето на царината.

Главните партнери на македонската текстилна индустрија се европските земји, на прво место Германија со скоро 90% од извозот. Што на еден начин ги прави зависни. Директорот на “Мавис”, Ангел Дончевски им објаснува на новинарите на “Фигаро” дека нивните партнери не сакаат повеќе да инвестираат однапред, бидејќи работите се менуваат многу брзо. Атељеата изработуваат брзо и во кратки рокови “фашион” облека, чии модели се обновуваат често. Така една женска кошула произведена во Македонија за 3,5 евра, во Германија се продава за 80 и на неа не стои дека е произведена во Македонија, пишува “Фигаро”. Но, македонските текстилци немаат друг избор, конкуренцијата е голема, производните цени во последниве години се намалија за 40% и ќе продолжат да се намалуваат, бидејќи цените на Далечниот Исток се пониски. Малите атељеа не ќе можат да издржат, производните циклуси се скратени од 5 на 3 месеци, нагласува Дончевски.

Лилјана Атанаскова раководител на програмата на Обединетите Нации за развој, нагласува дека главното богатство на Македонија е компетитивната и не многу скапата работна рака. Денес, македонските текстилци стравуваат од Кина. Единствениот начин да се ривализира е зголемувањето на работните ефективи.

Под надзор на меѓународните финансиски институции Македонија води политика на заздравување на јавните финансии, со контрола на инфлацијата преку задржување на стабилниот курс на денарот. Земјата исто така спроведе структурни реформи: приватизација, консолидација на банкарскиот сектор и модернизација на даночниот систем. Реформите се одразија со реструктуирање на производниот апарат. Денес, стапката на невработеноста достигнува рекордни бројки, пишува “Фигаро”. За да преживеат Македонците се свртија кон неформалната економија која претставува меѓу 30 и 40% од бруто внатрешниот производ на Македонија, проценува парискиот весник.