1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија нема потреба од аранжман со ММФ

Македонскиот вицепремиер Зоран Ставрески и министерот за финансии Трајко Славески го запознаа ММФ со подготвениот ребаланс на буџетот и најновиот пакет мерки за справување со последиците од светската економска криза.

default

ММФ, како што истакнаа Ставрески и Славески, позитивно ги оценува мерките што ги презема македонската Влада. Македонија моментно нема потреба од аранжман, но ги остава отворени сите опции за соработка во иднина: „Генералната оценка на ММФ е дека, како мала и отворена економија, Македонија се соочува со предизвиците со кои се соочуваат и другите земји кои имаат високо ниво на отвореност на изов и увоз, но оти во споредба со други такви земји сме поотпорни и оти имаме нешто помали проблеми“, изјави вицепремиерот Ставрески по средбите со претставници на Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон каде се одржуваат Пролетните средби на ММФ и Светската банка.

Ставрески и Славески во Вашингтон, меѓу другите, се сретнаа со заменик-директорот на ММФ Такатоши Като и со новиот шеф на мисијата на Фондот за Македонија Вес Мек Гру. На средбите е потенцирано оти прилагодувањето на фискалниот сектор ќе биде толкаво колку што е потребно да се сочува одржливоста на платниот биланс и стабилноста на девизниот крус.

„Дури и да се покаже во текот на годината дека приходите се помали од она што сега е проектирано ние ќе ја прилагодиме расходната страна толку колку што е потребно и во никој случај Владата нема да дозволи повисок дефицит од оној што сеге е проектиран, бидејќи сметаме дека тоа е нивото што обезбедува одржливост на платниот систем и стабилност на девизниот курс“, истакна Ставрески.

Претставниците на ММФ искажале отвореност за соработка, а таков став е изразен и од македонска страна. Министерот за финансии Трајко Славески повтори дека ММФ е подготвен да и‘ помогне на Владата на начин на кој таа смета оти е најсоодветен. „Во моментов нема потреба од аранжман, а ако се укаже таква потреба сите опции се отворени“, рече Славески.

Македонија, како членка на ММФ, до септември ќе има можност да користи средства од Фондот, без аранжман и услови, најавија Ставрески и Славески. Станува збор за мерка која овозможува на секоја земја дел од ММФ да користи до 77 отсто од својата квота, која е во процедура на одобрување и која ќе може да се реализира од септември. Квотата на Македонија е 100 милиони долари и кога ќе завршат процедурите на одобрување ќе може да има пристап до средствата. Македонскиот вицепремиер и министерот за финансии, најавија дека мисија на ММФ во Македонија доаѓа од 7 до 14 мај, а целта на посетата е само запознавање со состојбите.

Автор: ЕМФ/миа