1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија на удар на климатските промени

Ако во цел свет се исклучи електричната енергија макар еден час, животната средина ќе биде поштедена од големо количество на стакленички гасови. Последиците од глобалното затоплување за Македонија се застрашувачки.

Еден час за планетата земја. Ако само 60 минути ја исклучиме електричната енергија многу ќе му помогнеме на светот. Во акцијата што денеска ( сабота, 31 март) се организира во повеќе земји во светот ќе се вклучи и невладината Фронт 21/42 која се занимава со заштита на животната средина. Искра Стојковска од оваа организација вели дека со своите пријатели активисти ќе организираат забава на свеќи.

“Иако акцијата е повеќе симболична и примарна цел е да ја подигне свеста на граѓаните, еден час без електрична енергија не е за потценување. Ако е масовна, ако се вклучат голем број граѓани кои во своите домови ќе ги згаснат светилките, ако се ислкучи уличното осветлување, ако големите индустриски капацитети ги згаснат печките, животната средина ќе биде поштедена од големо количество на стакленички гасови“, објаснува Стојковска за Дојче Веле.

Опасни суши и големи поплави во Македонија

Македонија се смета за една од особено ранливите земји кога станува збор за глобалното затоплување кое пак ги предизвикува климатските промени. Причина за тоа е блискоста со Медитеранот кој е особено погоден. Се предвидуваат опасни суши што на долг рок до 2100 година ќе предизвикаат намалување на приносите во клучните земјоделски култури.

На пример ќе се намали родот на грозје во Кавадаречко и на домати во Струмичко, ќе исчезнат големи површини на бука и даб во јужниот дел на Македонија, во одредени периоди од годината ќе се прелаваат реките и ќе предизвикуваат големи поплави. Од климатските промени нема да бидат поштедени ниту македонските граѓани. Последиците ќе удрат по здравјето на луѓето.

Македонија е во ризичната зона каде што се очекува силен удар на климатските промени иако не е голем загадувач. Земјата не е голем емитер на стакленички гасови но како потписник на протоколот од Кјото има обврски преземени на меѓународен план. За најголем загадувач во земјата се сметаат производителите на електрична енергија.