1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија на сигурна дистанца од „босанскиот лонец“

Босна и Херцеговина и Македонија, денес делат слични социо-економски перформанси, што го актуелизира прашањето - може ли босанското незадоволство да се прошири низ целиот регион, вклучувајќи ја и Македонија ?

Ако за познатиот „босански лонец“ до неодамна се знаеше колку месо и зеленчук се потребени, денес неговите „состојки“ се драматично изменети. Социјалните протести во Тузла кои ја зафатија цела Босна, покажаа дека во босанскиот лонец на висока општествена температура сега се крчка невработеноста, сиромаштијата, нискиот стандард и гневот од некомпетентните и корумпирани елити. БиХ и Македонија, две самостојни држави кои пред повеќе од две децении излегоа од заедничката федерација, денес делат слични социо-економски перформанси, што го актуелизира прашањето - може ли босанското незадоволство да се прошири низ целиот регион, вклучувајќи ја и Македонија. Според голем број аналитичари, босанското незадоволство има свои автентични и постдејтонски специфики, но нема регионален потенцијал да предизвика домино ефект. Билјана Ванковска, раководител на постдипломските студии по мир и развој на Филозофскиот факултет во Скопје, вели дека кризата во босанското општество е резултат на ескалацијата на вродени системски дефекти на Дејтонскиот договор, кој ги институционализира етничките поделби, воспостави сложена и скапа државна структура и партитократијата.

Bildergalerie Proteste in Bosnien

Од протестите во БиХ

„Навидум се случува револуција во социо-економска смисла. Мнозина ги фаќа еуфорија, дека решението е во протести, по кои паѓаат оставки. Јас решение не гледам, бидејќи и по ваквото симнување на корумпирани политичари, доаѓаат некои привремени технократи кои повторно немаат демократски легитимитет, а на крајот се’ ќе мора да се реши низ избори. А нови елити нема. Нема програма зад протестите, нема визија, инфраструктура. Ако тоа се создаде, тогаш Босна би можела да се смени и тоа реално. Македонија и Босна имаат многу сличности, вклучувајќи ги и вградените системски дефекти, високиот степен на невработеност, корупција и партитократија, но засега нема организирана сила која ќе обедини поголема група луѓе околу радикална промена. Досегашните обиди за автентичен граѓански отпор брзо беа 'киднапирани' од партиски структури кои се обидуваа да добијат инфузија за својот нарушен легитимитет. Македонскиот граѓанин трпи и молчи, се плаши и живее од мала плата и социјални примања. Веќе 20-тина години го учат дека 'можело и полошо', а не му дозволуваат да се размавне и слободно да се организира во некаква алтернативна политичка структура“, вели Ванковска.

Во тој контекст, дел од аналитичарите укажуваат дека незадоволството од класните разлики во Македонија вешто се „менаџира“ со тоа што во прв план се истакнуваат наводни опасности од етнички национал-романтизам, а на сметка на тоа социјалните прашања се туркаат под тепих и во „десети план“.

На опашката од регионот

Од земјите во регионот, просечните плати и пензии се најниски во Македонија и БиХ. Просечната пензија во Македонија изнесува околу 144 евра, а просечната плата 342 евра. Во БиХ тие бројки се малку повисоки - просечната пензија изнесува 171 евра, а просечната плата околу 425 евра. Според статистиката, Македонија има најниски цени во регионот, но реалната вредност на потрошувачката кошничка за месечните потреби на едно семејство е 500 евра. Во таа смисла, просечната босанска плата е поблиску до вредноста на потрошувачката кошница, а цените во таа земја се слични со македонските. Невработеноста во БиХ е речиси 40 отсто, а во Македонија нешто над 28 отсто, но постојат сомневања дека тој процент е постигнат со административно бришење на невработените од евиденција. Иако во земјата е висок и процентот на сиромаштија (30 отсто) претседателот на Сојузот на синдикатите (ССМ) Живко Митревски, е уверен дека во Македонија не е можно босанското сценарио.

Bildergalerie Proteste in Bosnien

Од протестите во БиХ

„Со оглед на преземените мерки за справување со кризата и за подобрување на животниот стандард - зголемување на платите во јавниот сектор, зголемување на пензиите и мерките за вработување, опасноста од некаков изблик на социјално незадоволство е драстично намалена. Социо-економските мерки за подобрување на стандардот се насочени кон повеќе целни групи, што ја елиминира можноста за ескалирање на социјални проблеми. Притоа и активностите на Владата за привлекување на нови инвестиции одат во прилог на натамошен развој на економијата и елиминирање на какви било политички струења кои може да мотивираат незадоволство“, дециден е Митревски.

Стечајците не го делат оптимизмот на Митревски. Лилјана Георгиевска, претседателка на Здружението на стечајни работници и технолошки вишок, УНИТ, вели дека е можен изблик на социјално незадоволство.

„Слушам експертски оценки дека нашиот менталитет е поинаков, дека овде нема критична маса, дека протестите се далеку од нас. Но, состојбата не е добра. Оваа популистичка политика ќе ја доведе земјата на прагот на социјални немири. Не поделија по различни основи – етнички, партиски, верски...Но кога ќе се случат поделби и по социјална основа - тогаш е најтешко. Нас не поделија и по социјална основа. Едни се опфатени со законот за стечајци, а други не. За околу 6.000 стечајци овој закон воопшто не важи. Демек, ние не сме работеле во државни фирми, туку во акционерски друштва. Па во тие АД најмногу акции имаат државните фондови. Истите тие фирми ги сметаат за приватни кога не им одговара материјално да не обезбедат, а кога ги продаваат тогаш не се приватни - туку државни. Голем е револтот од оваа неправда и немаштија. Во вторник ќе протестираме пред Владата. Ќе сториме сѐ протестот да помине мирно, за да не ескалира огромното незадоволството, оти како што тргнало, на крајот нас ќе не прогласат за виновни што народот нема за леб“, вели Георгиевска.

Протестите „неатрактивни“

Но, се чини дека стравовите на Георгиевска се без реална основа. Заради политичките етикети кои досега им беа лепени на сите мирни протести во Македонија, како и експресното организирање контра-протести, ова демократско право до толку изгуби значење и интерес, што денес во Македонија присуството на протести не постигнува повеќе од двоцифрена бројка. Луѓето се помалку веруваат дека нешто ќе сменат преку протести, а многумина се плашат од губење на работата на членови на семејството, ако бидат видени на масовен собир. Со тоа, може да се смета дека Македонија е на сосема сигурна дистанца од „босанскиот лонец“, без оглед дали на некоја партија и одговара или не да се случи такво нешто.

Според аналитичарот Сашо Клековски, „многумина во македонската левица посакуваат регионализација на социјалните протести, без разлика на контрадикцијата на ставовите дека ем Хрватска и Србија напредуваат, за разлика од Македонија која стагнира, ем кај нив е толку неподносливо што ете првото буре барут ќе ги запали и нив“.

„Од една страна тоа е тешко замисливо, но од друга страна ние во неколку години имаме протести во Грција, Бугарија, Словенија... што укажува на тешката социјална состојба и недостиг на перспектива на целиот регион. Босна е споредлива со Македонија по многу социо-економски параметри, како невработеност и сиромаштија, или пак застојот во евроатлантските перспективи, во случајот на БиХ поради непримената на пресудата од случајот „Сејдиќ-Финци“, а во Македонија поради спорот со името. Од друга страна, иако Македонија сè уште ги чувствува последиците, приватизацијата полека останува позади нас. Како поука, потребен е политички натпревар за раст и развој и отворени евроатлантски перспективи“, оценува Клековски.

Според проценката за светски закани што неодамна ја обелодени американската разузнавачка служба, во делот за Западен Балкан е оценето дека без оглед на позитивниот развој на настаните во регионот лани, 2014 година ќе се карактеризира со длабоки етнички и политички поделби, при што ситуациите во Македонија и во Босна и Херцеговина се со назнака „особено експлозивни“.