1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Македонија на отворањето против Црна Гора

Со свечена церемонија одржана на плоштадот во Љубљана синоќа генералниот секретар на ФИБА Европа, Камил Новак и словенечката премиерка Аленка Братушек за отворено го прогласија Европското првенство во кошарка 2013.

default

Натпреварите во првата фаза ќе се играат во четири градови: Љубљана, Јесенице, Цеље и Копер. Македонската репрезентација учествува во Б групата заедно со селекциите на Црна Гора, Литванија, Србија, Босна и Херцеговина и Летонија. Македонија, која во Словенија го брани четвртото место освоено пред две години во Литванија, на стартот ќе се сретне со Црна Гора. Иако очекувањата на навивачите и јавноста се големи, целта на македонските играчи и стручниот штаб е пласман во втората фаза. Македонија на ова Европско првенство ќе игра со речиси истиот тим, со кој настапи пред две години во Литванија.

Македонија денеска против Црна Гора ќе го има првиот настап на овој Евробаскет. И пред две години на првенството во Литванија, „црвено-жолтите“ стартуваа против Црна Гора кога загубија со 70:65 по продолженија. Црногорците за разлика од Македонците во овој дуел влегуваат без предводникот од пред две години, Никола Пековиќ, но сега го имаат новиот лидер Никола Вучевиќ, од кого се очекува да им зададе најмногу проблеми под обрачите на Тодор Гечевски, Перо Антиќ, Предраг Самарџиски... Натпреварот Македонија - Црна Гора започнува во 17 часот и 45 минути во салата „Подмежакла“ во Јесенице, а според најавите, бројни македонски навивачи се очекуваат на трибините, да им дадат голема поддршка на кошаркарите.

За разлика од Македонија останатите репрезентации се соочија со бројни откази, така ЕП ќе го пропуштат голем број на звучни имиња: Пау Гасол, Наваро, Ибака, Новицки, Кејман, Савановиќ, Теодосиќ, Јасаитис, Скорцианитис, Кириленко, Мозгов, Пековиќ, Денг...

Според организаторот голем дел од билетите за ЕП веќе се продадени, досега се продадени 90.000 влезници, а организаторот верува дека за време на првата фаза ќе бидат продадени и преостанатите 50.000 билети.

Група А (Љубљана):

14:30 Израел-Велика Британија

17:45 Белгија-Украина

21:00 Франција-Германија

Група Б (Јесенице)

14:30 Босна и Херцеговина-Летонија

17;45 Македонија-Црна Гора

21:00 Србија-Литванија

Група Ц (Цеље)

14:30 Грузија-Полска

17:45 Шпанија-Хрватска

21:00 Чешка-Словенија

Група Д (Копер)

14:30 Турција-Финска

17:45 Шведска-Грција

21:00 Русија-Италија

Пласман во втората фаза ќе изборат првопласираните три репрезентации од секоја група, Евробаскетот ќе заврши на 22.септември.