1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Македонија на Берлинале без гламур

Првпат, на претстојниот Берлински филмски фестивал Македонија ќе учествува со три филма од најновата продукција. Како ќе се претстават авторите пред светот и какви очекувања имаат?

„Жената која ги избриша своите солзи“ на Теона Митевска во престижната програма „Панорама Специјал“, „Парада“ на Срѓан Драгоевиќ, копродукција со Србија, Хрватска и Словенија, во програмата „Панорама“ и краткиот филм „Бардо“ на Марија Апчевска кој е примен во програмата „Генерација (Generation)“- тоа се трите филма кои ќе ја претстават македонската кинематографија на претстојниот 62. Берлински филмски фестивал од 9-19 февруари.

„Голем успех е да се биде дел од програмата на Берлинале, бидејќи секоја година аплицираат по 8 до 10 илјади филмови. Ние на ниту еден друг фестивал досега не сме имале три филма, а камоли на еден вака голем фестивал - врвот на европските фестивали“, изјави за ДВ Дарко Башески, директор на Филмскиот фонд на Македонија.

Darko Basevski

Дарко Башески, директор на Филмскиот фонд на Македонија

„Со оглед дека главен, доминантен и најголем филм за нас од трите е ’Жената која ги избриша своите солзи’, најголем фокус ќе биде ставен на тој филм, со целосна промоција и на фестивалот и на филмскиот маркет со пропаганда и промоција на овој филм. Се надевам дека филмот добро ќе биде примен од публиката и на премиерата и на следните 4 до 5 проекции“, додава тој.

„Жената…“- во светска дистрибуција!

Француската компанија „Урбан Дистрибуција“ ги откупи светските права за дистрибуција на филмот „Жената која ги избриша своите солзи“, пишува во новото издание на водечкиот британски и светски филмски магазин „Screen International“.

Премиерата на филмот е закажана за 11 февруари во репрезентативната  кино сала „Интернационал“, со капацитет од 550 гледачи „што берлинчани ја сметаат за една од најубавите во градот“, пишува на интернет страницата на фестивалот. „Панорама Специјал“ претставува престижна селекција од независни уметнички авторски филмови. „Селекторите на фестивалот веќе ги пофалија режијата, визуелноста и одличната глума во филмот“, вели продуцентката и актерка Лабина Митевска.

„Имаме одличен филм со кој Македонија ќе  биде најдобро претставена  во Берлин со помош на македонскиот филмски фонд“, вели Лабина Митевска.

...И филмовите кои не се готови - на Берлинскиот маркет

Македонскиот филмски фонд за промоцијата на филмот „Жената која ги избриша своите солзи“ ќе потроши 10 илјади евра. „Фондот ќе ги промовира и сите други актуелни филмови, како и оние кои се во продукција“, вели Башески:

„Средствата што се одделуваат за промоција се дефинирани со секој филм и со секој фестивал. Закупен е истиот простор како и минатата година - тоа е централниот простор на маркетот на фестивалот, каде циркулираат голем број

02.2012 DW Highlights Februar Berlinale

Промоција на макеоднските филмови на централниот простор на маркетот на берлинскиот фестивал

посетители. Тука ќе бидат изложени плакати за филмовите со термини за проекции на актуелните филмови што ги имаме, меѓу кои и незавршените филмови ’Балканот не е мртов’ и ’Трето полувреме’, кои наскоро ќе бидат готови.“

Башески: „Ќе го поддржиме присуството на македонскиот продуцент на ’Парада’“

Според информациите од Филмскиот фонд, ќе биде поддржано патувањето на македонскиот продуцент на  филмот „Парада“, Владимир Анастасов. Тој сепак очекувал поголема поддршка за промоција, затоа што Македонија „има голем авторски удел, една од главните улоги ја има Тони Михајловски, се снимаше во Македонија и на целиот проект работеа и македонски филмски работници“, вели Анастасов:

„Ќе има шест проекции во текот на фестивалот. Премиерата ќе се одржи во кино сала со 1.600 седишта, што значи дека и фестивалот очекува голема гледаност на филмот. Верувам дека сето тоа ќе биде добро „спакувано“ од наша страна и од Берлинскиот фестивал.“

Прво, па на Берлинале!

Краткиот игран филм „Бардо“ е дипломски труд на режисерката Марија Апчевска и ќе биде прикажан во селекција која е  наменета за деца до 14 години и во која се прикажуваат филмови од млади автори.

„Голем успех е што филмот „Бардо“ ќе биде дел од Берлинскиот фестивал бидејќи тоа е фестивал од А-категорија и е сон на повеќето автори. Ова е мојот прв филм што е изработен професионално и доживува успех“, вели Марија Апчевска.

Претставувањето на Берлинскиот филмски фестивал е од особено значење за македонските филмови и автори и е „гаранција за нивниот натамошен успешен фестивалски живот“, велат во Филмскиот фонд на Македонија.

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска