1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија напредува против корупцијата

Целта на следењето на земјите од страна на ГРЕКО е подобрување на капацитетот на државите членки за борба против корупцијата. За Македонија има забелешки кај финансирањето на политичките партии.

Целта на следењето на земјите од страна на ГРЕКО (група на земји против корупцијата) е всушност подобрување на капацитетот на државите членки за борба против корупцијата, кое се врши низ еден динамичен процес на взаемна евалуација меѓу самите држави.

Проблемот со корупцијата не е проблем само во Македонија и земјите од Балканот, тоа е проблем кој се однесува на цела Европа, вели за ДВ, Марин Мрчела, претседателот на ГРЕКО.

„Корупцијата е проблем кој постои насекаде, ниту една држава, никој не е имун на корупцијата. Корупцијата е, како што рече генералниот секретар на Советот на Европа, прва на дневниот ред. Според ова, секоја земја има некои свои специфичности, поради кои треба да се вложат дополнителни напори. Но финансирањето на политичките партии е една од областите во кои најголемиот број, а можеби и скоро сите земји имаат голем простор за напредок,“ вели Мрчела.

„ГРЕКО гледа на одредени позиции и на праксата, односно на обуката, судските одлуки итн, според ова државата треба да покаже политичка волја не само со донесување на закони, туку и применувањето на тие закони. Мораме да кажеме тука, дека имаме и добри и лоши примери, дека најдобриот закон во рацете на најлошите луѓе нема да произведе добри резултати. Значи, единствено комбинацијата на добри закони и соодветните луѓе ќе доведе до нешто добро за граѓаните во борбата против корупцијата“, објаснува претседателот на ГРЕКО.

„Евалуациите на ГРЕКО и упатените препораки до државите имаат конструктивна улога и така и треба да се сфатат, бидејќи имаат за цел да се детектираат и идентификуваат недостатоците во системот на националните анти-корупциски политики и мерки и на државите да им се даде помош за нивно ублажување и отстранување и кај истите да се поттикнат неопходните законодавни, институционални и практични реформи. ГРЕКО воедно обезбедува платформа за споделување на најдобрите практики во превенцијата и откривањето на корупцијата, претставува драгоцен извор на информации од системите на другите држави за изнаоѓање на најдобрите решенија кои одговараат на системот на домашниот правен поредок, правна традиција и култура и според моделот на изборниот систем“, додава Анета Арнаудовска шеф на македонската делегација при ГРЕКО.

Македонија треба да направи напори околу финансирањето на партиите

Македонија е активна членка на ГРЕКО од 2000-та година, и досега успешно заврши два круга на евалуација, таа е во тек на исполнување на преостанатите препораки на Третиот круг на евалуација кој се однесува на усогласеноста на инкриминациите со меѓународните кривично правни инструменти на СЕ за превенција и борба против корупција и партиското фианансирање.

На прашањето до претседателот на ГРЕКО, како се оценува Македонија, односно дали таа ги исполни сите обврски и што и‘ преостанува, тој одговара:

„Имаше седумнаесет препораки во мај минатата година, препораките кои се однесуваат на инкриминацијата се повеќе или помалку исполнети. Останува само да се направи додатен напор во однос на финансирањето на политичките партии. Мене ми е познато дека Македонија донесе нов закон поврзан со тоа и тоа наскоро ќе биде оценето од нас. Мислам дека се дадени сите одговори, ние ќе го проценуваме тоа во наредниот период, засега не можам да кажам повеќе, бидејќи тоа се‘ уште се доверливи информации. Меѓутоа не се сомневам во политичката волја која постои во Македонија за да се решат овие работи, бидејќи тоа се гледа по начинот на кој се постапува кон препораките од ГРЕКО и на кој начин се работи на законодавното поле кон сите нешта кои се однесуваат на борбата против корупцијата“, рече Марин Мрчела за ДВ.

Шефот на македонската делегација во ГРЕКО дополнува:

„Исполнувањето на препораките на ГРЕКО беа предмет на Високиот дијалог меѓу Република Македонија и Европската комисија. Но, и самиот ГРЕКО во својот годишен извештај во 2012 година кажува дека нема совршен модел на изборен систем и на партиско финасирање, дека има многу проблеми на ова поле дури и за државите со долга демократска традиција и членки на ЕУ, но државите треба постојано да работат на унапредување на тие стандарди, со цел граѓаните да знаат како се финансираат партиите за кои го даваат својот глас и кој се има влијание на државните политики,“ вели Арнаудовска.

На прашањето дали Македонија има добри закони и дали тие се спроведуваат на дело, претседателот на ГРЕКО оценува:

„Македонија е на тој пат. Ние ќе го проценуваме во наредниот период колку овие закони ги исполнуваат стандардите. Но како што реков, не се сомневам во намерата и политичката волја во борбата против корупцијата, бидејќи тоа е за доброто на сите граѓани“, завршува Мрчела.

Анета Арнаудовска, како претставник на Македонија во ГРЕКО од нејзина страна нагласува:

„Секако постојано може и треба да се работи на подобрување на легислативата и финансиската дисциплина на партиите и на ефикасната контрола. Само за пример сакам да ја истакнам анализата која неодамна ја објави Transparency International, која направи компаративна анализа на системот на интегритет на 25 држави членки на ЕУ и констатира запрепастувачко ниско ниво на исполнување на антикорупциските стaндарди во поглед на партиското финансирање и заклучува дека најслаба карика се токму партиите, јавната администрација и приватниот сектор. Но секако она што го кажува и Транспаренси интернешнл во својот извештај за оценка на државите членки на ЕУ е дека најризични точки за корупција се партиите, приватниот сектор. На ова подобрување треба да работат не само владите,туку и сите органи надлежни за борба против корупцијата, омбудсманот, невладините организации, цивилното оштество, медиумите, супервизорските тела, државната изборна комисија, самите партии, бизнис секторот, бидејќи сите тие го сочинуваат националниот систем на интегритет, на антикорупцискиот систем и треба да работат заедно ефективно и да се одржуваат.“