1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија може и треба да го искористи позитивното расположение во ЕУ

Ирското ДА за Лисабонскиот договор ќе донесе позитивен политички елан околу процесот на проширување на Европската унија.

default

Ирците и‘ ја вратија надежта на Европската Унија. Позитивниот исход од ирскиот референдум на втори октомври ја врати надежта дека Лисабонскиот Договор наскоро ќе стапи на сила, а со тоа ќе со поедностават процедурите и ќе се демократизира Унијата.

Новонастанатиот оптимизам несомнено ќе се пренесе и врз политиката на проширување на Унијата, објаснува Пиотр Качињски, истражувач во центарот за европски политички студии во Брисел.

“Новата повелба не задира во проширувањето како такво, но го менува политичкото расположение во Европа. Ја отвора вратата за нови проширувања, политички гледано. Не смееме да заборавиме дека на јунскиот самит во 2008 беше одлучено дека нема да има натамошни проширувања без Лисабонскиот договор. Тоа беше политичката порака на претседателот Саркози и канцеларката Меркел. Сега оваа пречка е отстранета и можеме да продолжиме со процесот на проширување кон земјите од Западниот Балкан“, вели Пиотр Качињски.

Домашната задача мора да се заврши

Иако формално ништо не се менува во однос на проширувањето, не е исклучено пост-ирскиот оптимизам да влијае до некоја мера и врз претстојниот извештај за Македонија кој го подготвува Европската комисија, од кој Скопје очекува препорака за почеток на преговори, оценува специјалниот претставник на македонската влада при ЕУ, Дејан Ѓоршоски:


„Бидејќи се отвора нова перспектива за проширувањето, тоа влијае индиректно и на Комисијата и на комесарите, коишто ќе знаат дека одлуката којашто тие ќе ја донесат натаму не би била сопрена поради институционални пречки, односно поради капацитетот на апсорпција на ЕУ. Значи, ако гледаме антиципативно, целава ситуација ни‘ оди во прилог“, оценува Дејан Ѓоршоски.

Сепак, дипломатите во Брисел потсетуваат дека ни Лисабонскиот договор, ниту ирскиот референдум не можат да бидат оправдување за кандидатите да не си ја завршат домашната задача. Копенхашките критериуми и поставените бенчмаркови и натаму се единствениот клуч кон европската интеграција за Македонија.

Guy Verhofstadt

Ги Ферхофштат

Притоа, не смее да се заборави и најкрупната политичка пречка – спорот со Грција. Одлуката за почеток на преговори, со или без Лисабон, и натаму

ќе се носи со консензус на сите 27 членки.

Македонија може и треба да го искористи позитивното расположение во ЕУ, без притоа да заборави на своите обврски - ова е пораката Ги Верхофштат, поранешен белгиски премиер и шеф на либералната партија во Европскиот парламент.

„Се разбира, треба прво да се исполнат условите за членство, земјите имаат уште многу работа пред себе, но од друга страна, фактот што договорот ќе се усвои ќе овозможи да се отстранат неколку правила на едногласност, тоа ќе биде адут за интензивирање на преговорите за проширувањето.“

Ирскиот референдум, сепак, не значи и конечно стапување на сила на Лисабонскиот договор. Крајниот исход сега лежи кај чешкиот претседател Вацлав Клаус кој треба да го стави својот потпис врз оваа историска повелба.

Претстојните месеци ветуваат уште неколку интересни пресврти во ЕУ.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска