1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија може долго да чека пред вратата на НАТО

Грчкото вето за името е пречка за прием на Македонија во НАТО. Тоа може да потрае долго. Македонија да се насочи кон економијата, ако сака стабилност во иднина, изјави за ДВ професор Кирил Христовски од Аризона, САД.

Пред НАТО самитот изјавите на политичарите и експертите во Македонија веќе се насочени кон предизвиците по Чикаго. Во организација на Балканскиот форум за безбедност во Охрид се одржа панел сесија на која беше и доктор Кирил Христовски, доцент на Државниот универзитет во Аризона на колеџот за технологии и иновации, кому една од специјалностите му е кризниот менаџмент. Во ексклузивното интервју за Дојче веле на прашањето каква е американската политика кон Република Македонија, Христовски одговори:

„САД се едни од најголемите поддржувачи на Македонија и не само на воен и политички план. Политиката на САД е константна. Македонија во Букурешт од претседателот Буш и американската администрација имаше голема поддршка. Не гледам промени во поддршката. Како што е познато НАТО функционира на принципот на консензус и пречка за прием не е немањето поддршка од земјите членки на НАТО, туку ветото на Грција сврзано со името Република Македонија“.

ДВ: Дали стравот кај граѓаните во Македонија од одолговлекување на приемот е оправдан?

Христовски: Точно е дека не примањето може да трае доста долго, на пример додека Грција не го смени ставот по ова прашање и го прекине ветото, за кое има право како членка на Алијансата. Дали тоа е правилно е тема за друга дискусија. Но, може овој проблем да потрае доста долго. Тешко е да се прогнозира. Политката се менува. Економската ситуација е фактор којшто може да влијае врз одредени политички решенија. Сите опции се отворени.

ДВ: Македонија не е членка на НАТО, а со години учествува во мировните мисии. Меѓу поканетите во Чикаго е и шефот на македонската дипломатија Никола Поповски.

Христовски: Секоја покана е добар и позитивен сигнал. Признанијата од НАТО се добредојдени. На тој начин се верифицира посветеноста на Македонија и на власта за поддршката на глобалната војна против тероризмот. Од друга страна важно е за Македонија како држава и за нејзините безбедносни и оружени структури да имаат добри комуникации и соработка со земјите членки на Алијансата. Така можат да научат многу во однос на воените, но и цивилните компоненти. Мислам дека ова се многу убави сигнали за Македонија во целост.

ДВ: Каква е улогата на македонската дијаспора во САД?

Христовски: Благодарение на претседателот Методија Колоски и неговите соработници, дијаспората игра многу важна улога за Македонците надвор од својата матична држава. Во споредба со минатото, дијаспората сега ја сочинуваат интелектуалци, луѓе коишто се универзитетски образовани, со свое одлично работно и професионално искуство, кои сакаат да и’ помогнат на својата земја. Македонија треба повеќе да ја користи дијаспората.

ДВ: Можете ли да дадете проценка за стабилноста на Македонија по Чикаго?

Христовски: Стабилноста и безбедноста на Македонија не зависат од тоа дали земјата е или не е членка на НАТО, туку од многу други фактори, пред се’ од економијата. Дали овие нови сценарија присутни во Македонија последниве неколку недели се или не се фингирани - не знам. Од 2001-ва година сум надвор од земјата и малку ги знам секојдневните случувања.

Prof. Dr. Kiril Hristovski

Кирил Христовски е професор на Универзитетот во Аризона, САД.

ДВ: Помина Букурешт ќе помине и Чикаго...

Христовски: Меѓународниот суд на правдата потврди дека Грција ја прекрши времената спогодба на ООН. Тоа е факт. Ваквото однесување на Грција треба да се разбере само како нејзино, и Македонија да се фокусира на сопствените реформи и проблемите што ги има - економијата и зајакнувањето на цивилната компонента, инфраструктурата и комуникациите со земјите пријатели, меѓу кои се и САД, кои од секогаш гледале со пријателски очи кон Македонија. Иако и ова не примање на Македонија во НАТО ќе е горчливо искуство, сметам дека не треба да се доживее демотивирачки. Македонија треба да се фокусира врз себеси. Треба да се продолжат започнатите економски реформи и во голем процент добрите мерки да продолжат во позитивна насока.

ДВ: Дел од политичарите и граѓаните како да губат трпение што Македонија не е во НАТО...

Христовски: Доколку Македонија стане стабилна економска држава која ќе предначи во инфраструктурата и образованието, одговорот на прашањето: Дали некој сака или не да живее во Македонија - земја која не е членка на НАТО, ќе биде сосема неважно за размислување. Доколку животот е убав, а луѓето се вработени и имаат солидно образование и можат да им понудат убави работи на сопствените деца и на нивните потомци никој нема да прави проблем.

ДВ: Се слуша дека кризата во Грција е продукт на непослушноста во Букурешт спрема САД. Точно ли е тоа?

Христовски: Тоа се чаршиски разговори. Комплексноста на кризата е многу поголема отколку чаршиските разговори што можат да ја претпостават и претстават. Мислам дека нема никаква врска и корелација. Македонија преставува центар за стабилност на Балканот, а САД се заинтересирани за тоа и за ширење на демократските искуства.