1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија- меѓу „две Европи“ во бегалската криза

Борис Георгиевски10 февруари 2016

Неуспехот на Грција да ги запре бегалците натера некои членки на ЕУ да се надеваат дека Македонија може да го стори тоа. Западната во длабока криза која трае со години, прашање е колку Македонија е способна за тоа?

https://p.dw.com/p/1HsSu
Фотографија: Reuters/L. Balogh

Од јуни минатата година Македонија е клучна транзитна врска за речиси 700 илјади бегалци и мигранти кои ја користат ткн. балканска рута за да заминат кон „ветените“ земји во западна и северна Европа. Со оглед на темпото со кое македонските власти ја поставуваат и втората жичена ограда на границата кон Грција, таквата пракса наскоро може да заврши. Иако нема фиксен датум, ниту дефинитивна одлука, претставници на македонската влада за ДВ велат дека откако „ѕидот“ ќе биде завршен и доколку стигне таков сигнал од ЕУ, границата може да биде затворена.

Словачкиот премиер Роберт Фицо веќе најави дека очекува Вишеградската група (Словачка, Чешка, Унгарија и Полска) да го одобри планот за заштита на македонската граница на состанокот закажан за 15 февруари во Прага, а на кој се поканети и македонскиот претседател Ѓорге Иванов и српскиот премиер Александар Вучиќ.
„Потоа нема да биде важно дали Грција е дел од Шенген или не, затоа што ќе бидеме во состојба да ги сопреме мигрантите“, изјави Фицо на 3 февруари.

За Гералд Кнаус, директор на Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ) најавата дека се планира користење на „најслабите држави во регионот“ (Македонија, Бугарија, Албанија, н.з.) за изградба на ѕид против држава членка на Шенген е „луда“.

Milica Delević
Гералд КнаусФотографија: DW

Два концепта

Кнаус вели дека во Европа се води трка меѓу два различни концепта за решавање на бегалската криза. Концептот на Вишеградската група „чиј мозок е унгарскиот премиер Виктор Орбан“, како што вели Кнаус, предвидува блокада на движењето на мигрантите со изградба на ѕид во јужниот Балкан на границата на Грција со Македонија, Албанија и Бугарија.
Вториот концепт, кој го застапува германската канцеларка Ангела Меркел, предвидува организирано директно префрлање на стотици илјади бегалци од Турција во земји-членки на ЕУ, и ставање крај на балканската рута преку контрола на Егејот со засилена соработка меѓу Грција и Турција.
Но, идејата од Македонија, која не е членка на ЕУ, да се направи некаква тврдина против бегалците наоѓа на поддршка и во Брисел. Кон крајот на јануари, претседателот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер со писмо го увери словенечкиот премиер Миро Церар дека Комисијата го поддржува неговиот план, сите ЕУ-земји „да испратат помош во Македонија за контрола на границата кон Грција“.

Mazedonien baut zweiten Zaun an der Grenze zu Griechenland
Изградбата на дополнителната ограда на македонско-грчката граница е во полн ек.Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Прашање на време

Германскиот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг во викенд-изданието прогнозираше дека „границата меѓу Македонија и Грција ќе биде целосно затворена во следните недели“, вклучително и за бегалците од воените зони.
Македонските претставници за ДВ официјално велат дека тие засега не планираат таков чекор.
„Македонија е транзитна држава и ќе постапи согласно однесувањето на ЕУ и земјите-членки на ЕУ“, вели советникот за надворешна политика на македонскиот претседател, Ивица Боцевски.

Друг висок владин функционер кој инсистира на анонимност вели дека одлуката дали и кога границата ќе биде затворена ќе биде донесена во Брисел или во Берлин, а не во Скопје. „Не постои рок на 15 февруари или на било кој друг датум, но доколку биде донесена таква одлука ние ќе ја почитуваме“, вели тој.

Длабока политичка криза

Политичката криза во Македонија дополнително ги компликува работите. Соочен со обвинувања за широко распространета корупција, изборни манипулации и илегално прислушкување, премиерот Никола Груевски кон средината на јануари си поднесе оставка. Но неговата партија ВМРО-ДПМНЕ се уште ја контролира владата и активно ја поддржува изградбата на ѕид на јужната граница. Како резултат на тоа, Груевски и неговата партија добиваат силна поддршка од земјите од Вишеградската група, од Словенија и од Австрија.

Различните европски концепти кои ги споменува Кнаус, се прекршуваат и на Македонија. За разлика од поддржувачите на Груевски кои најавуваат дека земјата може да добие и датум за почеток на преговори по изборите во април, германскиот државен министер Михаел Рот јасно порача дека „нема да има политички отстапки“ кон македонската влада за соработката во мигрантската криза.

Michael Roth
Михаел РотФотографија: DW/P. Kouparanis

„Не. Нема политички попуст кај приближувањето кон ЕУ“, рече Рот за ДВ.

Според европските аналитичари, дилемата меѓу планот кој го туркаат Орбан и Вишеградската група од една и Германија и Холандија од друга страна, е лажна. „Кога овие земји ќе доживеат неуспех, Орбан ќе ги обвини нив за недостаток на одлучност и одважност. Политички, Орбан- за разлика од балканските држави и Европската Комисија- нема што да загуби“, вели Кнаус.

Втората ограда која во моментов се гради на границата е речиси целосно спонзорирана од Унгарија. Освен тешката машинерија, Орбан на Скопје му испрати и 10 илјади ролни бодликава жица на НАТО со вкупна должина од 100 километри, 16 илјади бетонски столбови и 48 илјади монтажни вретена и алатки за дупчење.

Прашањето е дали и тоа ќе може да го сопре бегалскиот бран, доколку Македонија одлучи да ја затвори границата? „За жал ние немаме кадровски, безбедносни, ниту економски ресурси да издржиме таква криза“, вели функционер во македонското МВР. Изградбата на ѕидови не може да ја сопре миграцијата, а само дополнително ќе ги засили шверцерските групи.
„Замислете ситуација во која 50 или 100 илјади луѓе би се обиделе насила да ја минат границата од Грција. Што ќе правиме ние? Ќе пукаме?! Невозможно е тоа да се сопре“, вели истиот извор.