1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија и Турција - одлични пријатели

Билатералните односи меѓу Македонија и Турција се одлични и во повеќе области достигнуваат степен на стратешко партнерство - оценка на македонскиот претседател Иванов и турскиот министер за надворешни работи Давутоглу.

Во Министерството за надворешни работи на Македонија денеска (21.12) со свечена програма се одбележува 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Турција.

По тој повод се одржуваат пленарни разговори меѓу делегации на двете земји, а министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Турција, Никола Попоски и Ахмет Давутоглу, ќе дадат изјави за медиумите.

На синоќешната средба македонскиот претседател Ѓорге Иванов и турскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутоглу го потврдија пријателството меѓу двете земји.

„Во годината кога се одбележува 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи, заедничка оценка е дека билатералните односи меѓу двете земји се одлични, дека во повеќе области достигнуваат степен на стратешко партнерство и дека соработката во одредени сфери, особено во економската, има постојана позитивна динамика“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот Иванов.

На средбата бил поздравен континуираниот политички дијалог на сите нивоа, како потврда на пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Турција.

Претседателот Иванов се заблагодарил за континуираната и принципиелна поддршка од Турција за македонските евроатлантски интеграции и изразил очекување дека ќе продолжи и во иднина.

„Со оглед на фактот дека Република Турција е меѓу десетте најзначајни трговски партери на Република Македонија, двајцата соговорници изразија задоволство од нагорниот тренд во економската соработка и очекувања за зголемување на турските инвестиции во земјава“, се наведува во соопштението.

На средбата биле разменети мислења за заклучоците на неодамнешниот Европски совет, како и за актуелните состојби во регионот на ЈИЕ, но и за состојбите во поширокиот регион, Блискиот исток и Медитеранот.