1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија и Грција остануваат на истите позиции во спорот за името

На средбата во Париз меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји не се разговарало за детали туку за контурите на натамошните чекори, како и за можноста процесот да се динамизира за време на Генералното собрание на ОН.

default

Министрите Милошоски и Бакојани на поранешна средба

Средбата на македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски со неговата грчка колешка Дора Бакојани во парискиот хотел „Бристол“ траеше еден час. До оваа втора средба за само два дена, како што рече и самиот Милошоски дојде по негово барање и едно е јасно: разговорите за разликите околу името ќе останат под мандатот на ОН и медијаторот Метју Нимиц и ќе траат се додека не се најде заемно прифатливо решение.

Двете земји се отворени за дијалог

Средба на министрите не беше со цел да ги замени преговарачите, туку заедно да разговараат, што покажува дека се отворени за дијалог.

Paris - Eifelturm

Разговори во Париз

Во изјавата за печатот дадена веднаш по разговорите, Милошоски и Бакојани нагласија дека целта на разговорите што се водеа во Париз, квалификувани како искрени и отворени, била да се подобри климата во преговорите за името и дека тоа подобрување треба да се почувствува уште на наредната преговарачка рунда.

„Верувам дека успеавме во оваа намера и мислам дека до следната средба на преговарачите ќе успееме да ја постигнеме целта да ја подобриме климата“. – рече Милошоски. „Разменивме мислења за позициите на двете влади и треба да се каже дека двете влади немаат проблеми за да направат чекор напред и да се најдат поблиску до едно решение.“ Притоа Милошоски призна дека не станува збор за лесно прашање и дека тоа може лесно да биде решено. Во интерес на двете земји, Македонија и Грција е дијалогот да остане отворен.

Во разговорите не се навлегло во деталите на преговорите за името.

Двете страни остануваат на своите позиции

Судејќи по тоа што беше речено не е постигнат напредок, освен во подобрувањето на климата во затегнатите односи. Шефот на македонската дипломатија укажал дека Македонија нема да отстапи од своите позиции за зачувување на македонскиот јазик, нација и идентитет.

Додека неговата грчка колешка повтори дека Атина се залага за едно име во кое ќе ја има географската одредница и кое ќе биде за сите употреби. „Грција дојде на овие преговори со добри намери одлучена да направи се’ што може да најде решение, прифатливо за двете страни, во рамките на грчката позиција односно едно име со географска одредница за сите употреби.“ – рече Бакојани.

Целта е да се најде взаемно прифатливо решение

Nimitz in Skopje

Преговорите продолжуваат со посредникот Нимиц

Запрашани зошто преговараат кога двете страни остануваат на своите позиции, одговорот беше дека двете земји преговараат во рамките на ОН и целта е да се најде прифатливо решение за сите.

Според најавите на двата министри, тие не ја исклучија можноста македонската и грчката делегација да се сретнат уште еднаш, на маргините на Генералното собрание на ОН, што започнува на 23 септември во Њујорк.

Според информациите кои се објавени во печатот, предвидено е на маргините на заседанието во Њујорк со медијаторот Нимиц одделно да се сретнат македонскиот претседател Бранко Црвенковски и шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани. Грчките медиуми нагласуваат дека меѓу македонската влада и претседателот постојат разидувања околу пристапот кон проблемот со името и дека македонската делегација заминува во Њујорк без усогласени ставови.

Американски притисок - француска поддршка за Грција

Двете земји се под силен притисок на САД, да се најде решение за името, а во некои европски кругови се споменува дури и можноста за изнаоѓање на решение уште оваа есен.

Така, пред средбата со Антонио Милошсоки, Дора Бакојани ја доби поддршката од францускиот шеф на дипломатијата Бернар Кушнер, во однос на спорот за името со Македонија.

EU-Außenministerrat tagt in Brüssel

Францускиот шеф дипломат Бернар Кушнер

„Можам да речам дека ние ја поддржуваме Грција, бидејќи тоа ние веќе го имаме кажано. Но ние исто така сакаме проблемот да биде решен и тоа колку што е можно побрзо, бидејќи нема да останеме блокирани на ’БЈРМ’, тоа и така трае веќе предолго. Се надевам дека во неделите што доаѓаат ќе најдеме решение за името.“

Францускиот министер за надворешни работи исто така рече дека проблемот со името на Македонија е „заеднички проблем“ кој се однесува на целата Европска унија.

DW.COM