1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Македонија и Бугарија водат битка за косовските Горанци

Реакции во Бугарија по тврдењата од Косово дека тамошните Бошњаци и Горани масовно добиваат бугарски пасоши. Експерти велат дека проблемот е дел од „македонско-бугарскиот спор“.

default

Дваесетина млади мажи и неколку семејства мирно чекаат пред софиската Агенција за Бугарите во странство. Сите се од Косово. Откако ќе земат бројче поднесуваат молби за признавање на нивните бугарски корени. Шансите за позитивен одговор им се големи, иако има и такви кои се одбиваат, вели за ДВ шефот на агенцијата Росен Иванов.

Признанието за бугарско потекло на подносителот му носи суштински придобивки: дозвола за времен престој во земјата, право да побара бугарско државјанство и привремена лична карта со рок на траење од 5 години. Постапката за добивање бугарско државјанство е долга и бавна, и оди преку министерството за правда, a завршува со указ од Претседателот. За разлика од неа, добивањето на документ за бугарско потекло е исчистено од бирократски пречки. „Историјата не е важна, туку тоа како денес се определуваат луѓето“, вели Росен Иванов.

„Оние кои имаат документи за бугарско потекло, не одат на интервју. Оние кои не поседуваат таков документ ги прашуваме каде се родени и дали имаат бугарска самосвест“, објаснува Иванов.

Bulgarien Schild an der Grenze zu der Türkei

„Добредојде“ за Косовците во Бугарија

Членство во КУД доволен доказ

Доколку некој кандидат нема доказ за сопствените бугарски корени, тој може како документ да претстави и членство во некое бугарско културно-уметничко друштво во странство. Од крајот на март годинава, таков документ издава и Здружението на Бугарите во Косово.

„Досега интересот меѓу Косовците за бугарски пасоши не беше голем и не знам што се случило во меѓувреме за да дојде до таков наплив. Тврдењата дека на Косово наплаќаме по илјада евра за добивање белешка за членство се неточни. Кај нас се е бесплатно“, тврди Иванов. Тој тврди оти од 2009 година досега само 39 Косовци поднеле молби за признавање на бугарското потекло, а 32 добиле потврден одговор. Иванов ги коментира и тврдењата изнесени во неодамнешниот прилог на ДВ од Косово.

„Германија од 2005-та наваму подели државјанства на 4 милиони странци, а нас не распнуваат на крст за 30 пасоши“, вели тој.

Македонско-бугарски спор

Pass Ausweis Reisepass Personalausweis

Поранешниот директор на Агенцијата и претходник на Иванов, Спас Ташев признава дека проблемот со етничката припадност на луѓето од јужно Косово е дел од „целиот македонско-бугарски спор“. Тоа мислење го дели и експертот на Агенцијата, Јордан Колев.

„Македонија фрла пари за од околу осум илјади Горанци во Косово да направи ’исламизирани Македонци’. Исти претензии има и Босна кон Бошњаците во Косово, кои тврдат дека се Бугари. Сараево сака да ги приклучи овие луѓе кон титовата бошњачка нација на исламизирани Словени“, вели Ташев. Тој признава дека „не сите Горанци имаат бугарска самосвест“ и дека признавањето на бугарските корени само по себе не ја определува и етничката припадност.