1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија и аерозагадувањето: Има ли излез?

Освен огромното страдање предизвикано од предвремените умирања и заболувањата, аерозагадувањето предизвикува и огромен негативен импакт врз националната економија.

Историски гледано, кај младите земји во развој, постои добро утврден редослед на случувања. Додека се сиромашни тие неодговорно ја искористуваат животната средина со цел да го зголемат својот економски раст. Нивните жители, соочени со недостиг на основните животни добра, ги користат сите можни начини за да го подобрат нивниот животен стандард. Па така на пример, тие користат дрва за загревање на нивните домови, како еден од евтините природни ресурси, масовно увезуваат стари возила кои се веќе забранети во развиените земји, поради еколошки рестрикции, ја занемаруваат изолацијата на нивните домови како ефективно решение за заштеда на енергија, не користат филтри на нивните возила и.т.н.

Иако овие практики се од огромна корист за популацијата со тоа што директно го зголемуваат нивниот стандард на живеење, истите доаѓаат по цена на загадувањето на животната средина. Оваа цена е најчесто игнорирана од граѓаните на овие земји. Само по одреден културен и економски развој, кога граѓаните главно ќе ги задоволат основните егзистенцијални потреби, истите ја сфаќаат големината на цената што ја плаќаат поради загадувањето на средината.

Одржувањето на здрава еколошка средина е индиректно поврзано со основните човекови вредности, како што се добросостојбата и квалитетот на живеење - истите вредности кои стојат зад слепото стремење кон забрзан економски развој. Иако загрозувањето на овие основни вредности само по себе е доволно за цената на овие практики да биде неприфатливо висока, тоа не е единствената причина да му се обрне посебно внимание на овој проблем. Впрочем, докажано е дека квалитетот на животната средина исто така игра битна улога и во самата равенка за економски раст. Оттаму, аргументот на некои од политичарите и бизнис заедницата, дека земјите во развој мораат да го направат овој компромис во однос на животната

средина со цел да просперираат е помалку издржан од претходно.

Petre Laskov (Privat)

Петре Ласков

Аерозагадувањето во Македонија

Во фокусот на јавноста во Македонија е стандардот на живеење. Во време на глобализација, полесно од било кога им е на луѓето да си направат споредба помеѓу нивната животна состојба и состојбата на луѓето во развиените земји. Тие се свесни во какви услови моментално живеат и како би можеле да живеат во иднина. Оваа политичка клима може да се забележи во медиумите, во говорите на политичарите, лобирањето на бизнис заедниците и во секојдневните разговори. Амбициозната реформска агенда на новата влада исто така се фокусира првично на зголемување на економскиот раст и креирање на нови работни места.

Речиси сите се согласуваат дека клучниот фактор за подобрување на добросостојбата на секој граѓанин е забрзувањето на економскиот раст. Но, кога станува станува збор за тоа како да го постигнеме овој економски напредок, по се изгледа јавноста и надлежните го игнорираат слонот во собата.

На аерозагадувањето како на посебен еколошки проблем, неповрзан со јавното здравје и состојбата на економијата, долго време не му беше дадено никакво значење. Но физичкиот свет (реалноста) надвор од нашите глави не зависи од тоа како истиот ќе го класифицираме. Со други зборови, аерозагадувањето ќе продолжи да ги има истите ефекти независно од тоа дали ние ќе го сметаме за еколошки, економски или здравствен проблем.

Гледај видео 01:17

Има ли чаре за загадувањето?

Со цел да ги усогласиме нашите гледишта за аерозагадувањето во нашите глави, со она што навистина се случува во надворешниот физички свет, потребно е да се повикаме на научните студии кои се обидуваат да ги измерат и изучуваат ефектите на истото. Минатогодишната студија (2017) на финскиот Метеролошки Институт и македонскиот Институт за јавно здравје, Скопје има највисока концентрација на ПМ2.5 честички во воздухот во цела Европа. Според нивните пресметки, приближно 1.300 животи згаснуваат на годишно ниво од болести предизвикани од аерозагадувањето. Освен огромното страдање предизвикано од предвремените умирања и заболувањата, аерозагадувањето предизвикува и огромен негативен импакт врз националната економија.

Намалена продуктивност

Илјадници луѓе се помалку продуктивни поради зачестените отсуства од работа предизвикани од зголемените заболувања при врвот на загадувањето. Како што се тврди во извештајот на Светска Банка, загубите од пропуштените потенцијални заработки од намалената продуктивност, поради зголемените отсуства од работа и предвремената смрт на дел од работниците ја чинат македонската економија околу 253 милиони евра годишно. Според нивните пресметки, доколку Македонија ги намали ПМ10 и ПМ2.5 честичките до нивото препорачано од ЕУ стандардите, ќе бидат избегнати 800 смртни случаи и илјадници боледувања годишно, што во монетарна вредност би значело 151 милиони евра заштеди на годишно ниво. Доколку овие вознемирувачки факти се точни, тогаш овој проблем би требало да биде еден од главните национални предизвици за постигање на одржлив економски просперитет во Македонија.

Земајќи ја предвид сложеноста на проблемот со аерозагадувањето лично јас сум песимистичен за неговото решавање во брзо време. Најголемата пречка за негово решавање е тоа што Македонија како држава нема доволно висок стандард да си дозволи да прави компромис помеѓу стандардот на луѓето и квалитетот на животната средина. Едноставно немаме доволно средства да си дозволиме чиста средина без притоа да го намалиме сегашниот стандард на живеење. Практично е невозможно да се убеди релативно сиромашното мнозинство дека треба да се преземат чекори кои ќе ги направат монетарно уште посиромашни во краток рок сѐ со цел да се подобри квалитетот на воздухот кој го дишеме. Како илустрација на ова земете го обидот на сегашната влада да ја следи европската пракса со тоа што ја зголеми акцизата на дизел-горивата. Со месеци имаше екстремно негативни реакции во јавноста поради оваа одлука.

Поради ова би сакал да го пренасочам вниманието на јавноста од долгорочните преамбициозни решенија (како што се гасификацијата, оданочувањето на дрвата) кон некои краткорочни, евтини, а сепак ефикасни решенија.

Брзи решенија за превенција од аерозагадувањето

Како да се превенираат негативните ефекти од аерозагадувањето врз јавното здравје и економската продуктивност, без притоа да се соочиме со претходно споменатите загуби кои неизбежно ќе не снајдат доколку се обидеме да го решиме проблемот? Едно од можните решенија е да не се преземаат радикални чекори за намалување на аерозагадувањето, сѐ додека не се развиеме економски до одреден степен. Наместо да ги имплементираме непопуларните мерки кои неизбежно би удриле врз џебот на сите, а посебно на економски маргинализираните (тие се главните корисници на загадувачите), предлагам да се  имплементираат следниве решенија:

1. Агресивна здравствена кампања за ефектите на аерозагадувањето врз здравјето на човекот.

2. Информирање на населението за можните чекори кои можат како индивидуи да ги преземат за да се заштитат од негативните здравствени ефекти на аерозагадувањето.

3. Субвенционирање на респиратори со активен јаглен, така што би се зголемило користењето на овој ефективен метод на заштита од вдишување на штетните ПМ-честици.

4. Субвенционирање на прочистувачи за воздух така што би се зголемила побарувачката за овој ефективен производ.

5. Јавни монитори кои ќе го покажуваат моменталниот квалитет на воздухот во непосредната околина и ќе ги алармираат луѓето кога нивоата на загаденост ќе бидат високи.

Петре Ласков е дипломиран психолог и проект менаџер во Брима Галуп. Неговиот есеј посветен на мерките против загадувањето во Македонија беше дел од конкурсот на Светска банка во Скопје на кој учествуваа повеќе од 30 трудови.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема