1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија испрати дополнителен одговор за Масри

Во првиот одговор испратен до Тери Дејвис, генералниот секретар на Советот на Европа, македонската влада не го ни спомена случајот со Калед Ел Масри, за што беше остро критикувана. Како што се дознава, во дополнителниот одговор, македонските власти тврдат дека одговориле на сите дополнителни прашања, и сметаат дека со тоа ќе ги избегнат критиките.

Калед ел Масри

Калед ел Масри

Македонската влада навреме ги достави дополнителните одговори кои ги бараше Советот на Европа, и тие веќа биле дадени на анализа на соодветните служби на организацијата. Дали тие ќе бидат објавени, како и претходните, кои беа критикувани од Генералниот секретар, сé уште не се знае.

"Ние ќе ги анализираме нивните одговори. Но, целта на оваа постапка е да се согледа во каква ситуација се наоѓа законодавството на земјите-членки, за да се спречат во иднина ваквите видови на кршење на човековите права", вели специјалниот советник и портпарол на генералниот секретар на Советот на Европа, Матјаж Груден.

"Сега се наоѓаме во втората фаза од неговата иницијатива, идентификација на слабостите во правосудниот систем. Во најкраток можен рок, генералниот секретар ќе претстави предлог за акција на ниво на Советот на Европа и на национално ниво, за да се отстранат пропустите и за да се зајакне заштитата на човековите права на нашите граѓани", додава Груден.


Според она што успеавме да го дознаеме, македонските власти во одговорот „кажале сé“ и остануваат на ставот дека Ел Масри не бил грабнат од македонската полиција и дека тој само бил задржан на информативен разговор, по неговото легално влегување во земјата на граничниот премин Табановце.

За случајот со германскиот државјанин, кој по дваесет и тридневен престој во еден скопски хотел, тврди дека и бил предаден на ЦИА, која го префрлила во Авганистан, во одговорот било уште наведено дека македонското јавно обвинителство е во контакт со германското обвинителство, кое води истрага за случајот Ел Масри. Ова бил ист или сличен одговор како тој што бил упатен до Европската Унија.

Околу шпекулациите кои се појавија дека е можно суспендирање или одземање на членството на Македонија во Советот на Европа, поради случајот на Калед ел Масри. Груден е јасен:

“Можам категорично да ве осигурам и да ви потврдам дека во моментов во Советот на Европа не се водат никакви дискусии за суспендирање на оваа или на некоја друга земја, во контекстот на процедурата што ја отвори генералниот секретар”.