1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија искритикувана во Европскиот парламент

Жестоки критики за Македонија во извештајот кој денеска (10.02) пред Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент го презентираше известувачот за земјата, словенечкиот парламентарец Зоран Талер.

default

Недостаток на политички дијалог, загрозена медиумска слобода и авто-цензура кај новинарите, нетранспарентна поделба на државни пари во одредени медиуми, политичко влијание врз судството, политизирана јавна администрација, загрозување на меѓуетничките односи преку проекти како „Скопје 2014“, дискриминација врз сексуална основа, напади врз граѓанските здруженија и цивилното општество.

Ова се само дел од забелешките во извештајот, покрај традиционалните критики за големата невработеност, ендемската сиромаштија и ниското ниво на странски инвестиции во Македонија, како и барањето да се реши спорот за името со Грција.

Zoran Taler

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Зоран Талер

Талер во изјава за Дојче Веле, вчера коментираше дека случувањата со А1 телевизија и бојкотот на парламентот од страна на опозицијата се случиле по изработката на нацрт-извештајот, па оттука и не биле опфатени во него.

„Равојот на настаните во текот на последните недели е загрижувачки. Тоа значи дека се оди во негативен тренд кога станува збор за политичкиот дијалог и медиумските слободи во земјата, независноста на судството и неселективноста на одредени мерки од официјалните институции кон граѓаните и посебно медиумите“, изјави Талер.

ЕУ и Зимбабве не одат заедно

Извештајот овојпат не пропушти да забележи и дека надворешната политика на македонското раководство не е во согласност со заедничките позиции на ЕУ, особено во однос на држави како Зимбабве. Од конкретните случаи, според европарламентарците, под прашање е легитимитетот на владината кампања против абортусот, а се изразува загриженост и поради загаденоста во Велес во чиј случај се цитира и оценката на Светската здравствена организација дека овој град е „опасно место за живеење“.

Во извештајот му се оддава и посебна почит за „извонредната работа“ на актуелниот амбасадор на Унијата во Скопје, Ерван Фуере, и уште еднаш се осудуваат нападите врз него од страна на политичари на владејачката партија и ја повикуваат Владата да се огради од нив, сметајќи дека истите екстремно го нарушуваат имиџот на Македонија.

Сериозна загриженост поради состојбата на медиумите

Дел од европарламентарците не се согласија со ваквата оценка. „Ценам оти треба да се каже дека дипломат не треба да се меша во внатрешната политика на земјата, што очигледно е случај кај Фуере“, рече британскиот пратеник Чарлс Тенок.

Elmar Brok

Германскиот европратеник Елмар Брок бара враќање на опозицијата во парламентот

Германскиот европратеник Елмар Брок и неговиот словачки колега Едуард Кукан во дебатата упатија критики до македонската опозиција за напуштањето на Парламентот и ја повикаа да се врати во законодавниот дом, а Талер беше критикуван и дека Нацрт-резолуцијата ја составил со „политичка диоптрија на социјалдемократ“.

Грчката европратеничка Елени Марија Копа истакна дека не треба да се обвинува Грција за блокада на Македонија кога, како што рече, земјата не ги исполнува Копенхашките критериуми во врска со слободата на медиумите и независноста на судството.

Во однос на медиумските состојби во земјата, во Извештајот се изразува „сериозна загриженост“ поради влошувањето на слободата на медиумите, како и поради зголеменото политичко влијание врз новинарите и заканувачките кампањи против медиумите кои се критични кон Владата.

„Со вчудоневиденост го наведуваме фактот дека Министерството за внатрешни работи на својата интернет-страница објави повик до граѓаните да пријавуваат необјективни извештаи во медиумите“, се заклучува во нацрт-извештајот на Европскиот парламент за Македонија.

Автор: Борис Георгиевски/еп/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM