1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија има свои црвени линии

Македонија во 2009 година постигна забележителни успеси. Остануваат и отворени прашања и сериозни проблеми, кои најлесно ќе се решат со единство, е оценка на претседателот на државата Ѓорге Иванов во годишното обраќање.

default

Ѓорге Иванов

Македонија во 2009 година постигна забележителни успеси. На внатрешен план функционираше стабилна меѓуетничка коалиција и функционална демократија. На надворешен план постигна дел од целите со остварување на визната либерализација и добивањето препорака од ЕК за отпочнување преговори за членство во Унијата, ги унапредуваше односите со соседите и со останатите земји, а го реши и прашањето со демаркацијата на границата со Косово. Сепак, остануваат и отворени прашања и сериозни проблеми кои најлесно ќе се решат со единство.

Ова е оценката на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, изнесена во неговото прво годишно обраќање во македонскиот парламент.

Спорот со Грција-отворено прашање

Како едно од отворените прашања Иванов го посочува и проблемот што Грција го има со македонското уставно име, кое, пак, како што вели, ги кочи евроатланските процеси на Македонија. „Во текот на 2009 година Македонија забележа извонреден успех на планот на евроинтеграциите. Успеа за првпат да добие целосно позитивен извештај на Европската комисија и препорака за почнување на преговорите. Покрај сето ова, недобивањето датум за отпочнување на преговорите за членство успеа да го сведе проблемот на тоа што вистина и е. На ирационалното противење на политичката елита на нашиот јужен сосед на влезот на Македонија во Европската унија и НАТО“, истакна македонскиот претседател Иванов.

Според него, на ваков начин се покажа дека политиката заснована врз сила може да опстои во вакви околности, дури и да ги злоупотребува правилата поставени со цел да ги заштитат оние кои ги исполнуваат условите да бидат дел од таа заедница. Сепак, додаде претседателот Иванов, Македонија и натаму ќе бара решение и за овој проблем.

Македонија ја докажа добрата волја

Во оваа прилика тој ги повтори црвените линии на Македонија во овој спор, во случај, како што истакна, некому се’ уште да не му се познати.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje

„Има ли некој во оваа држава кој не ги знае сопствените црвени линии во однос на прашањата за идентитетот, јазикот, културата, традицијата. Тие индивидуални црвени линии се и нашите државни црвени линии. Местото на Република Македонија е во НАТО и ЕУ, со заеднички придонес на сите за остварување на стратешката цел. Голем дел што сме присутни тука сме се соочиле со прашањето на овој спор. Многумина од собраните тука ја носеле и одговорноста за неговото решавање. Знам дека и вам црвените линии ви се добро познати и многу јасни, како што им се јасни и на македонските граѓани. Тоа е неотстапување од македонскиот идентитет. Неменување на Уставот. Решение кое нема да го повреди нашиот национален, културен и јазичен идентитет“, подвлече Иванов.

Својата конструктивност во овој апсурден и наметнат спор, додаде тој, Македонија одамна ја докажа со конкретни чекори на добра волја.

„Надвор од сите досега познати стандарди во уставната практика, го промени својот Устав, констатирајќи го општо познатото дека Република Македонија нема територијални претензии кон никого. Република Македонија направи и чекор повеќе, го направи непоимливото, го смени своето знаме“, рече Иванов, додавајќи дека Македонија е подготвена за решение кое ќе значи компромис, но само за нештата кои се предвидени во резолуциите на ОН.

На годишното обраќање на претседателот Иванов присуствуваа премиерот Никола Груевски и претставници на македонската влада, како и претставници на дипломатскиот кор, на судската власт и на верските заедници во Македонија.

Автор: ЖА/АТ/миа