1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија има капацитет, кој мора да се преточи во пракса

Македонските граѓани заслужуваат слободен режим на патување во ЕУ, вели амбасадорот на Унијата во Скопје, Ерван Фуере. Според него Македонија, доколку ги исполни условите може во 2009-та да добие датум за преговори со ЕУ

default

Амбасадорот Ерван Фуере (десно) во интервју за Дојче Веле, вели дека има секојдневни пријателски контакти со македонските граѓани

Господине Фуере, се чуствувате ли убаво во Македонија како амбасадор на ЕУ, со оглед на вашите односи со власта во последниот период?

Да, секако се чуствувам многу добредојден овде, импресиониран сум од односот внатре во земјата, кој во голема мера ме потсетува на мојата татковина, на Ирска. Луѓето се навистина многу гостопримливи. Ова го доживувам во моите секојдневни контакти ширум државата, на сите средби, кои што ги имам со граѓаните и морам да кажам дека ги чустувам блиски, навистина ги чуствувам како пријатели. Од друга страна, морам да кажам дека задачата која што ја имам овде е навистина тешка, бидејќи јас ја претставувам ЕУ од два аспекта. Функционирам и како специјален претставник на Европската Унија и како шеф на делегацијата на Европската комисија. Одговорностите се навистина големи, а тоа истовремено подразбира и голем број битни забелешки во однос на приближувањето кон Европската Унија, кои што морам да ги пренесам или соопштам. Се надевам дека моите пријатели, пред се’ од власта, ги прифаќаат и ги доживуваат овие забелешки како еден вид охрабрување во однос на натамошниот прогрес кон ЕУ.

Како го оценувате демократскиот капацитет на државата и нејзините институции?

Секако дека постои демократски капацитет во државата, но, за жал, тој не беше постојан, со оглед на она што го видовме во изминатата година. Се осврнувам, пред се’ на изборниот процес, како и на политичкиот дијалог во рамките на парламентот. Наша задача е да обезбедиме лидерите систематски да комуницираат во рамките на постоечкиот политички дијалог, односно тоа да биде постојана пракса. Но, она што се случи во државата не беше постојано на ниво на консензус.

Истото се однесува на односите меѓу владата и претседателот. Всушност, очекуваме од раководството на државата постојано да се осврнува на постоечките стандарди за взаемна комуникација. Но, за жал, и тука бевме сведоци на различни потешкотии, кои се однесува на нивната меѓусебна комуникација. Поради тоа постојано го охрабрувавме консензусот, што би постоел токму на таа релација во највиското политичко лидерство, и бараме од политичарите да ги остават на страна нивните партиски и индивидуални интереси.

Ако се погледнете кон другите земји, ќе видите дека спроведувањето на реформите, всушност, бара постојан консензус меѓу политичките лидери. Тој консензус е нешто што граѓаните го очекуваат за да се остварат реформите што треба да го олеснат нивниот живот.

Постои ли кај македонските политички лидери таков консензус и капацитет за успешно да ја водат земјата во процесот на евроинтеграции?

Сигурен сум дека таков капацитет постои, тоа го согледуваме, но тоа мора да се преточи и во реално остварување. Бидејќи она што државниот врв мора да го направи во овој процес е да се вклучи истовремено во директна дискусија со граѓанското општество, со академските кругови, со цел да се создаде клима, што ќе се рефлектира врз подобра иднина на земјата.

До кога Македонија ќе треба да чека на датум за преговори? Мора ли да мине цела година или Европската комисија може да одреди датум и порано во текот на годината? Кој е главниот услов за таква одлука?

Комисијата веќе најави дека нејзиниот мониторинг ќе биде постојан, што значи дека ќе се согледуваат сите остварувања, што во меѓувреме ќе се случат во државата. Сите опции се отворени, ќе се регистрираат сите промени. Ова се однесува пред се’ на изборите на пролет, кои мора да бидат спроведени во најдобар можен ред. Ако земјата, во прв ред политичките лидери, демонстрираат перманентен политички дијалог, ако видиме парламент кој нема да го употреби правото на итност во донесувањето на законите (како во јули годинава), ако нема бојкот, тогаш тоа ќе бидат одлични аргументи за Комисијата да ја преиспита оценката и да препорача датум за почнување на преговори.

Дали Македонија реално заслужува да почне нова фаза во евроинтегративниот процес? Вие ги познавате состојбите во разни сфери, колку е далеку земјата од европските стандарди во областа на здравството, образованието, урбанизмот?

Секако дека е забележан прогрес во голем број од овие области, но мора да се забележи дека преостанува уште доста работа во клучните области, кои и претходно ги набројав. Судството, борбата против корупцијата, изборите, политичкиот дијалог, сето тоа подразбира една методологија, која што ќе ја води земјата да биде колку што е можно поподготвена да ги преземе обврските, што ќе произлезат од стапувањето во членство во ЕУ.

Заслужуваат ли македонските граѓани без визи да патуваат во земјите на Европската унија? Подготвена ли е земјата за безвизен режим?

Секако! Јас сум убеден дека е така, дека граѓаните заслужуваат слободен режим на патување во Европската унија. Земјата вложи огромни напори да ги исполни нормите за безвизен режим. Ние во Европската комисија и во Европскиот парламент веруваме дека визната либерализација е од голема полза за Македонија и ќе помогне таа да стане дел од процесот на интеграција во Унијата. Тоа ќе им помогне на македонските граѓани да се приближат до самата Европска унија, пред се’ на младите генерации кои досега немале директен контакт со Унијата и ќе ги зацврсти културните и врските на сите нивоа.

Ќе се случи ли тоа во 2009?

Се надевам дека ќе се случи. Комисијата беше јасна дека ако стандардите се исполнети ќе има можност да препорача воспоставување на безвизен режим. Крајната одлука лежи во рацете на земјите членки на Европската унија, но пораката што би ја испратила Европската комисија со препораката за укинување на визниот режим, би била многу силна.

Во контекст на сите пораки со остри тонови, што си ги разменивте со власта, остана неодговорена дилемата дали Македонија, ако ги исполнеше осумте задачи, ќе добиеше датум за почнување преговори со оглед на спорот со Грција?

Во однос на ова прашање еврокомесарот за проширување Оли Рен беше многу прецизен. Тој кажа дека доколку земјата ги исполнеше осумте одредници немаше да има никаква пречка за Комисијата да препорача датум за отворање на преговорите. Ова е прашање, кое и натаму останува отворено. Во моментот кога земјата ќе ги исполни одредниците што се предвидени, нема да постои никаква пречка за Комисијата да препорача старт на преговори за членство.