1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија има демократски капацитети

Ниту по две децении плурализам во Македонија не престанаа спорењата и јавните полемики околу прашањето: со каква функционална демократија располагаат нејзините граѓани, партиите или стопанството?

default

Салата на македонскиот Парламент

Иако средната оценка на „Фридом Хаус“ речиси константно се движи околу тројка, соговорниците на ДВ велат дека демократските капацитети на институциите и нивната стабилност е на ниво на состојбите во регионот, а во одделни ситуации е дури и нешто подобра.

„Во изминативе дваесет години Македонија има доволно бранители на демократските вредности. Тие биле тестирани низ животот и нема потреба од стравувања за враќање на некои ретроградни процеси“, оценува Сашо Клековски.

Vladimir Misev

Политичкиот аналитичар Владимир Мисев

„Демократијата има постојан развој, но клучното прашање е колку и како се стабилни институциите на земјата“, смета Владимир Мисев. Обајцата експерти и’ припаѓаат на генерацијата Македонци кои станаа полнолетни со стартот на македонската самостојност.

Мултиетничка демократија

За демократските критериуми и развој клучен фактор е како да се профилира и гради едно мултитничко општетство, чии столбови се во Охридскиот договор и во познатите ривалитети меѓу двете доминантни етнички заедници - македонската и албанската.

„Албанците главно имаат две крупни забелешки: првата е бавното имплементирање на Рамковниот договор, што требаше да заврши до крајот на 2004 година. А втората се однесува сега на отстапувањата од евроатланските интеграции“, вели Насер Зибери, правник, еден од најмладите пратеници во првиот парламентарен состав, а потоа и министер во владите што ги водеше СДСМ.

„И Албанците во Македонија имаат потреба од доучување на културата на дијалогот и практизирање на демократија“, посочува Зибери.

Постизборни коалиции

На македонската политичка сцена сите влади од осамостојувањето беа составувани како мултиетнички кабинети, но тоа главно беа постизборни коалиции. „Би било добро за меѓусебното уважување и намалување на радикализмот за време на кампањите, би било добро да се склучуваат предизборни меѓуетнички коалиции. Нив ги има, но не и меѓу Македонците и Албанците односно меѓу нивните партиски репрезенти“, вели универзитетскиот професор Зоран Илиевски.

Mazedonien Aracinovo Dorf in Mazedonien in der nähe von Skopje

Изборот на влади меѓутоа веројатно беше полесниот дел од политичките релации и демократскиот живот. Изборите како тест за демократските прва и моќта на институциите, во изминатите десетина гласачки циклуси поминуваа со добри изборни правила, но со лоша нивна примена.

„Македонија има добро, европско законодавство за фер избори, но практицирањето на нормални кампањи и гласање е слабост која треба и постепено се отстранува. Да не заборавиме дека имавме насилства, дури и убиства, дека се‘уште се гласа еден за сите, колективно, особено во албанските средини“, велат за Дојче веле Владимир Мисев, директор на Институтот за демократија и проф. Рената Дескоска, експерт по уставен систем.

Развиен невладин сектор

Македонија има развиена мрежа од најмалку 500 регистрирани невладини организации и над 8000 други здруженија, спортски асоцијации и слично. „Граѓанскиот сектор се развива слободно и иницијативно, но недостига атмосфера за дебата“, проценува Сашо Клековски од невладиниот МЦМС. „Невладинот сектор ги отвори табу темите, како што беа сегрерацијата на Ромите или статусот на хомосексуалците, но во општеството се‘уште имаме нетолеранција кон инаквото и неподготвеност за дебата, во која ќе се чујат аргумените на спротивставената страна“, оценува Клековски.

Referendum in Mazedonien

Медиумите како столб на демократијата

Без слободно и професионално новинарство нема демократска јавност. Македонскиот журнализам поминува низ фаза на перманентни притисоци од страна на властите, бизнис заедницата и пред се‘ олигархијата, како и личните политички амбиции и економски интереси на сопствениците на највлијателните телевизии. Состојбата е сложена и поради бавното реформирање на МРТВ како јавен сервис, а не продолжена рака на владејачката елита.

„Оваа Влада врши притисок врз медиумите, но и пред тоа новинарството не беше имуно на притисоци од власта. Се чини дека и самите сме виновни што останавме без професионален интегритет и достоинство“, тврди коментаторот Горан Момировски од ТВ 5 во една од честите дебати за состојбите и реформирањето на новинарската асоцијација и социјалната сигурност на новинарите.

Децениската транзиција и сомнителната приватизација често ја доведуваа македонската демократија во ќорсокак, наместо на патот кон континуирано вградување и почитување на европските принципи на човекови слободи, правна држава и либерално-конкурентна економија.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Горан Чутаноски