1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

„Македонија или ќе опстане или не“

„Она што се загуби во споредба со она што се доби во сите држави од Триглав до Вардар оправдува не носталгија и меланхолија, туку југоочајување“, вели професор Ферид Мухиќ во серијалот за две децении самостојност.

default

Ферид Мухиќ

Југоносталгијата не ја доживувам како негативно чуство, вели во разговорот за Дојче веле универзитетскиот професор, писател и филозоф Ферид Мухиќ. Се обидува аргументирано да ја отслика македонската реалност, правејќи паралела-што земјата добила, а што загубила со распадот на некогашна Југославија.

„Она што е добиено е таа не безначајна и за менталитетот на луѓето можеби крунска привилегија да имаш на власт човек од твоја културна и да не речам само етничка припадност.

Од другастрана, спорно е дали станувањето помал, послаб и посиромашен е напредок или назадување“.

Obdachlosigkeit Deutschland

Вакви слики порано немаше, вели Мухиќ

„Малку добивме, многу изгубивме“

Според еден од најпреведуваните автори од Македонија, придобивките од осамостојувањето се помалубројни од негативните последици.

„Првите луѓе кои собираат по контејнери ги видов во самостојните држави на Балканот. Во поранешната држава не видов ниту еден кој собира од контејнери нешто. Толкава дискриминација и дисфалификација на работниците немаше порано“.

Мухиќ смета дека носталгијата е преблаг збор, недоволно силно чуство ако се споредуваат некогашна Југославија и денешна Македонија.

„Она што се загуби во споредба со она што се доби во сите држави од Триглав до Вардар оправдува не носталгија не меланхолија, туку југоочајување“.

Факт е дека не само ништо од тоа што беше веќе не може да се врати, туку и она што е сега не се знае дали ќе се задржи и до кога.

Mazedonien - Land und Leute

Скопје

Каква е перспективата на Македонија?

Кога еден од врвните македонски умови чуствува неизвесност во поглед на иднината на својата држава секако интересен е одговорот на прашањето за перспективите на Македонија.

„Што може да се случи со Македонија? Само две работи. Или ќе опстане или нема. За жал мене ми се чини дека факторите се непредвидливи и особено што е спорно колку се под наша контрола“.

Мухиќ вели дека има помалку елементи за оптимизам, но тој сепак не е песимист.

Тој е категоричен и по прашањето за спорот со Грција. Според него, Македонија безусловно и засекогаш треба да одбие какви било разговори за името. Во домашната јавност, читателите го доживуваат Мухиќ како омилен филозоф чии дела се едноставни за читање, како одличен познавач на светските планини и македонските души.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска

Поврзана содржина