1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Македонија – земја без отпад?!“

Свеста за чиста и здрава животна средина во Македонија е се’ поголема. Земјата се вклучи во иницијативата „Да го исчистиме светот“. Но, постои ли култура на живеење или комуналните казни се лекот?

Во педесет и четири општини во Македонија над педесет илјади волонтери на почетокот од октомври учествуваа во собирањето отпад и расчистувањето на дивите депонии. Тие беа дел од досега најголемата акција за собирање отпад во земјата, вклучени во светската инцијатива „Да го исчистиме светот“.

Всушност, граѓанската асоцијација „Ајде Македонија“ сочинета од шест невладини организации се приклучи кон кампањата „Македонија без отпад – 2012“ на Министерството за животна средина. Според статистиката секоја година во Македонија околу 30 проценти од вкупниот отпад или 210 илјади тони завршуваат на дивите депонии, кои никнат насекаде. Купишта стакло, хартии, дури и апарати за домаќинство на секој чекор. Преполни реки и езера со отпад, лево и десно од магистралите иста слика. Реалноста е таа. „Македонија е убава, но дајте исчистете ја, и заштитете ја природата“. Најчесто ова го велат странците кои транзитираат или одмораат во Македонија.

Отпадот е скапоцен ресурс

„Целта е да се подигне јавната свест кај граѓаните, но и во институциите за поздрава и почиста животна средина. Не радува масовноста и тоа што на секој наш повик се’ повеќе граѓани се приклучуваат кон акциите“, изјави министерот за животна средина Абдулаќим Адеми.

За ефектите од акцијата со која Македонија влезе во глобалната мрежа „Да го исчистиме светот“ востановена 2008 во Естонија и во кое се вклучени околу 5 милиони волонтери од близу 100 земји Ивана Блажеска менаџер за комуникации од тимот на „Ајде Македонија“ вели: „Беа организирани над 440 настани и собрани и отстранети над 60.000 метри кубен отпад. Собравме 20 тони пет-амбалажа и над 10 тони хартија која ќе биде рециклирана. Отпадокот заврши на депонијата Дрисла во Скопје, но и на општинските депонии. Во активностите беа вклучени близу 300 основни и средни училишта со едукативни предавања и работилници. Таму се собираше стара хартија, а се чистеа и средуваа училишните дворови и околината“.

NO FLASG Müll Recycling

Смет за рециклирање

Меѓу најгласните поддржувачи на акцијата беше и пратеничката Лилјана Поповска од партијата ДОМ таа потсетува дека акцијата ја поддржал и Европскиот парламент и е категорична: „Ова е почеток на долгорочната пресметка со нашата навика да трупаме отпад кај ќе стигнеме. Следно е да го селектираме, преработуваме и да создадеме нова вредност од она што го викаме отпад. Отпадот всушност е многу скапоцен ресурс“.

Јавна свест или казни?! Што е поефикасно?

Дилемата – дали ова е вистинскиот пат до почиста Македонија е актуелна. Треба да се подигнува свеста кај граѓаните дека отпадот нема да исчезне сам од себе, вели Антонио Јовановски, претседателот на асоцијацијата „Ајде Македонија“. „Поттикнавме активизам, ме радува тоа. Отпадот е одговорност на секој човек, секој од нас треба да придонесе за почиста животна околина. Се надевам дека догодина ќе ни се придружат уште повеќе граѓани и организации“. Општинските комунални инспектори превенираат, казнуваат и признаваат: „Анализите покажуваат дека ефектите од расчистувањето на депониите се со кус рок. Денес се чистат, а за два дена нова планина отпад се појавува на истата локација“. Немоќни во вакви и други случаи бараат помош од Државниот инспекторат за животна средина.

Македонија дури сега гради култура на живеење

„Културата на живеење е нешто што за жал ние го немаме. Новите генерации се тие кои што сега почнуваат да градат некоја култура. Сепак за тоа е потребно време“, смета Наташа Доковска познат активист за здрава животна средина. „Кога го велам ова мислам генерално, иако мора да се признае дека има одредени групи, пред се’ еколошки, кои превземаат акции кои се за поздравување, но тие се малку и се локализирани. Искрено мислам дека казните не се некоја поука за граѓаните. За жал тие кај поголем дел од нив предизвикуваат револт. И од искуство, тие и понатаму продолжуваат со старите навики и наоѓаат начини како да ја избегнат казната. Тоа значи дека е време да го промениме системот на живеење во кој ќе се постават нови правила на култура на живеење“, додава Доковска.

Општ е впечатокот дека во Македонија граѓанскиот активизам насочен кон екологијата не е мал, но уште е хаотичен. Секој трга на своја страна. Деновиве Охрид беше домаќин на четвртиот конгрес на екологистите на Македонија со меѓународно учество. Организаторот Македонското еколошко друштво одбележа 40 години од постоењето.