1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија-„заложник“ на грчките штрајкови!

Штрајкот на грчката царина удри врз македонското стопанство. Стотици илјади тони стоки за потреби на македонската индустрија се заглавени на грчка територија, главно во Солунското пристаниште и не можат да се испорачаат.

default

Грците штрајкуваат-страдаат Македонците

Стотици илјади тони стоки за потреби на македонската индустрија се заглавени на грчка територија, главно во Солунското пристаниште и не можат да се испорачаат. До петок, 21 октомври, блокиран е увозот на суровини, но и извозот пред се‘ на руди и тешка металургија што се клучни за трговскиот биланс на Македонија. Расте загриженоста и од евентуален недостиг од нафта и друг вид енергенси кои главно се увезуваат преку Коридорот 10:

„Во услови кога Коридорот 8 речиси и не постои, подолгата блокада на Коридорот 10 од страна на вработените во грчката царина ќе предизвика негативни последици по македонското стопанство, а се плашам од недостиг на нафта и нафтени деривати. Конкретно до петок не верувам дека би се случило нешто драстично во поглед со нафтата, меѓутоа можете да замислите ако тоа продолжи, тогаш секако дека ќе се одрази не само врз нафтата, туку и другите енергенси кои се увезуваат преку Грција. За нас е несфатливо како една земја-членка на ЕУ може да толерира вакво нешто, уште повеќе што овие граници не се само грчки граници, туку и надворешни граници на целата ЕУ“, изјави за Дојче веле Ѓино Шкриељ, претседател на групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори.

Mazedonien Land und Leute

Огромни штети за македонското стопанство

Намалување на конкурентноста

Големите индустриски капацитети чија работа е дневно зависна од коридорот 10 и Солунското пристаниште бараат алтернативни патишта, но тоа е неефикасно и многу скапо што ја намалува нивната конкурентност:

„Овие десет дена се само дел и јас сум сигурен дека со оглед на целата состојба во која се наоѓа Грција и опкружувањето ние ќе имаме сериозни проблеми и во иднина. Очигледно е дека секој ден е се‘ поизвесно дека Коридорот 8 е неопходен за Македонија. Тоа полека мора да се прави и верувам дека кога ние би наметнале една конкурентност преку Драч или Бургас, верувам дека пред да се направи блокада тие длабоко ќе бидат замислени, бидејќи Солунското пристаниште живее од јужниот дел на Балканот. Сега знаете дека нема алтернатива, знаејќи дека ние мора да ја прифатиме нивната состојба внатре, која е од ред причини, дали социјални или политички, и ние практично стануваме заложници и жртви на таквата политика“, реагира Александар Панов, директор на Макстил.

Mazedonien Land und Leute Fabrik Nähbetrieb in Bitola

Кршење на Конвенцијата на ОН за слободен проток на стоки

Бизнис заедницата веќе алармираше дека Грција ја крши конвенцијата на ОН од 2003 година за слободен проток на стоки што е поддржана и од Светска банка. Стопанската комора на Македонија апелираше не само до македонската, туку и владите на Албанија и Турција, кои исто така се соочени со идентичен проблем да реагираат до Атина:

„Сите земји-членки на ОН се обврзани да им обезбедат на земјите кои немаат излез на море слободен транзит и транспорт. Тоа е обврска од ОН. Јас досега од никого во Македонија не сум слушнала дека се повикува на таа конвенција“, изјави Љубица Нури од Стопанската комора на Македонија.

Колкави ќе бидат штетите, допрва ќе треба да се пресметува. Од Стопанската комора како најголема бизнис асоцијација велат дека штетите се огромни, но за да се дознае точната сума потребна е детална анкета на компаниите. Рампите на граничните премини со Грција ќе бидат спуштени за патничкиот и товарен патен и железнички транспорт до петок.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска