1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија е на добар пат кон НАТО, но има и забелешки

Според информациите од високата македонска делегација, која учествуваше на состанокот во Брисел, амбасадорите на НАТО позитивно го оценија она што Македонија го прави за членство во Алијансата.

default

„Македонија останува посветена на целите што ги има поставено заедно со нашите партнери од НАТО. Тоа е: да го одржиме учеството во мисиите, да го задржиме најблиското партнерство со НАТО до нашето полноправно членство, да работиме на сите оние прашања кои се од заеднички безбедносен и политички интерес и во секој случај да останеме активни и конструктивни во прашањето под кое што во Обединетите нации посредува амбасадорот Метју Нимиц,“ изјави по состанокот министерот за надворешни работи Антонио Милошоски. За овие залагања има поддршка во општеството и политичка волја во Македонија.

Милошоски е сигурен дека она што неговата земја го има направено, особено учеството во Авганистан е препознаено од страна на Алијансата. Доколку буџетскитe околности идната година се подобрат, тој најави дополнително зајакнување на македонското учество во мисијата на НАТО во Авганистан.

Не постои алтернатива за НАТО

На состанокот, министерот за одбрана Зоран Коњановски истакна дека несмалените реформи во одбраната, силното одбранбено лидерство и менторство во регионот и постојаните напори за одржување на јавната поддршка за членство во Алијансата, се придонес кон исполнувањето на стратегиска определба која е македонски врвен приоритет за кој не постои алтернатива.

Konferenzraum in Ohrid - NATO Treffen

Од средбата на НАТО во Охрид

„Денес беше потенцирано од сите присутни и со задоволство можеше да се чуе дека далеку сме пред она што сме почнале пред десетина години. Ние продолжуваме по тој пат на реформи и навистина деклариравме посветеност во министерството за одбрана, посветеност во владата на кога се однесува за процесот на приближување на Република Македонија кон НАТО“, вели Коњановски.

Македонија очекува конструктивност од Грција

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали на следниот самит на Алијансата Македонија ќе добие зелено светло за влез во НАТО, шефот на македонската дипломатијата изјави дека тоа би била посакувана варијанта и дека Македонија прави се‘ што е во нејзина моќ да ја оствари нејзината цел.

„Членството ќе се случи во моментот кога ќе се создадат достоинствени услови за тоа. Ние работиме на тоа прашање, кое е пречка и беше предизвикано со грчката блокада во Букурешт. Очекуваме тие напори и нашето вложување да бидат препознаени и да бидат дел од тој процес, но во секој случај од нив не зависи се‘. Би требало да има конструктивност и разбирање и од грчката страна. Очекуваме оваа нова динамика која ја постави амбасадорот Нимиц да придонесе во зголемувањето на интензитетот на дијалогот што го имаме со Република Грција,“ изјави Милошоски.

Забелешки од НАТО

Од своја страна НАТО, во извештајот посветен на Македонија чија содржина ниту се демантира ниту се потврдува во Брисел, смета дека ако Македонија добила значаен кредит на последните избори, на тој план треба да се работи уште, како и тоа дека се покажало корисно учеството на најголемата албанска партија во коалицијата, што треба и натаму да се охрабрува.

НАТО, исто така, бара поконструктивен политички дијалог во Собранието, веројатно во смисла повеќе да се уважува опозицијата, а најкрупната забелешка ја упатува во однос на судството во кое, според оценките овде, има „значајно“ мешање на владата во неговата работа и независноста.

За полициските реформи е наведено дека сега се спроведуваат на локално ниво, што е добро, но оти има голема политизација на полициските сили и недоволно транспарентност во работата на полицијата. НАТО забележува и на поделеноста во образованието, карактеризирајќи го тоа како појава на високо ниво на одвоеност на одделни сегменти од општеството, или поедноставно не го прифаќа трендот учениците од различни етнички заедници да одат во одделни училишта.

НАТО со загриженост гледа на намалувањето на буџетот за одбраната, бидејќи со вакво темпо земјата ќе заостане зад стандардите на НАТО, а тоа нема да биде добра препорака доколку Македонјија сака членство. „Тоа беше прашање кое го поставија неколку амбасадори. Скратувањето нема премногу да се одрази бидејќи намалувањето на средствата за одбраната за околу 18 отсто, она што сакавме да го набавиме оваа година, ќе го набавиме идната“, изјави министерот Коњановски. Тој истакна дека и покрај ребалансот на буџетот, финансиски се заштитени сите прифатени обврски за учество во меѓународни операции до крајот на 2009 година.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска