1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонија е на границите на својата издржливост“

Герта Хаман/ Ж.А.22 август 2015

Експертот за Балкан, Франц-Лотар Алтман во интервју за Дојче веле ја повикува ЕУ да се вклучи и да помогне во кризата со бегалците во Македонија, за таа да не ескалира

https://p.dw.com/p/1GJmo
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Дојче веле: Секој ден околу 2.000 бегалци ја преминуваат границата од Грција кон Македонија. Тие сакаат да продолжат на север. Македонија прогласи вонредна состојба и делумно ја затвори границата. Дали е тоа последното средство кое го има владата за да се справи со надојдените бегалци?

Infografik Flüchtlinge Balkanroute August 2015 Deutsch
Балканската бегалска рута

Франц-Лотар Алтман: Овде не може да се зборува за „последно средство“. Зашто, ова е средство кое сигурно нема да донесе никакво решение. Затворањето на границата во областа меѓу Грција и Македонија, што се нарекува ничија земја, може да предизвика значителен застој. Тоа значи дека ситуацијата ќе ја искористат шверцерите со луѓе и ќе најдат илегални патишта во земјата. Но, нема целосно затворање на границата, тоа го потврди и самата Македонија. Се сака овозможување на легален премин на границата, но со подобрена контрола.

Од оваа причина беше воведена вонредна состојба. Што значи тоа конкретно?

Тоа значи овозможување на испраќањето војници на границата. Вонредната состојба важи само за граничниот регион. Таму војската треба да ја поддржува полицијата при регистрирањето на бегалците. Полицијата е преоптоварена со регистрирањето, со оглед на масата бегалци. А тоа пак е важно за Македонија. Луѓето добиваат еден вид транзитен документ со кој им се овозможува во рок од 72 часа да пропатуваат низ земјата во правец на Србија. По три дена тие треба да ја напуштат државата. Ако бегалците не се регистрираат, владата во Скопје стравува од нивно останување во земјата. Тоа би ја преоптоварило Македонија, која и без тоа се наоѓа во тешка ситуација.

Како ја оценувате ситуацијата во Македонија? Дали таа вистински се наоѓа на своите граници на издржливост, како што велат многу хуманитарни организации и политичари на теренот?

Да, Македонија дефинитивно е донесена на своите граници на издржливост. Земјата веќе поодамна е во многу тешка економска криза, постои многу висока невработеност. Затоа се прават обиди луѓето колку што е можно побрзо да се спроведат низ земјата, за да не станат трајно оптоварување. Ако дневно доаѓаат по 2.000 бегалци, може да се претпостави дека една сиромашна земја со само два милиона жители не може да излезе на крај со ваков наплив. Не функционира згрижувањето, бегалците кампираат в поле, нема прифатни центри каде би биле сместени. Навистина, постојат приватни иницијативи и организации за бегалци кои се обидуваат да им помогнат на луѓето со вода и со храна. Но, самата влада се чини тотално преоптоварена.

Franz-Lothar Altmann NEU
Франц-Лотар АлтманФотографија: DW

Бегалците кои стигнуваат во Србија, доаѓаат од Грција, значи од ЕУ. И, тие сакаат да продолжат натаму, кон Унгарија, повторно во ЕУ. Луѓето го одбираат патот преку Србија зашто е најкраток за нив и моментно една од наједноставните рути. Српската влада веќе молеше за помош од ЕУ и тврди дека таа има обврска да преземе нешто. Како гледате на улогата на ЕУ?

ЕУ овде мора да помогне. Најмалку, таа мора да подигне шаторски логори за да ги згрижи луѓето. Многумина делумно спијат на отворено поле. Ним им е потребна медицинска нега. Мора да се помогне. Но, среднорочно е потребно и она што го предлага меѓу другите и германската страна, бегалците мора да бидат регистрирани уште во земјите во кои првпат стигнуваат на територија на ЕУ, дали во Грција или во Италија, и оттаму да бидат распредели низ ЕУ-членките. Проблемот е што голем дел од државите од ЕУ не се согласува да ги прифати квотите за бегалци во ЕУ. Но, сега се бара од ЕУ прво да им помогне на земјите како Грција и Македонија, а веројатно потоа и на Србија.

Франц-Лотар Алтман е професор во Одделот за меѓународни и интеркултурни врски на универзитетот во Букурешт и е член на Претседателството на Друштвоот за Југоисточна Европа во Минхен. Освен тоа, тој е член и на раководството на БТИ(Bertelsmann Transformation Index).