1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија е мала економија и тоа е нејзината предност

Македонија има услови кои се добра подлога за инвестирање, изјави за ДВ Улрике Волф, раководител на Одделот за надворешна економија и маркетинг при баварското Министерство за економија и медиуми, енергија и технологија.

Она што државата можела да го стори, го има направено, оцени во разговор за Дојче Веле, Улрике Волф, од Министерството за економија и медиуми, енергија и технологија на германската покраина Баварија, по враќањето од посетата на Македонија. Според нејзе, рамковните услови за инвестирање во земјата се многу добри. Таа притоа ги нагласува особено даночната стапка од 10 проценти на персоналниот данок и на данокот на добивка, а ги наведува и договорите што земјата ги има склучено со многу европски земји за избегнување на двојното оданочување.

Делегацијата германски стопанственици, меѓу кои претставници на компании од областа на енергетиката, металопреработувачката индустрија, информатичката технологија и медицината, во Македонија пред една недела имаше прилика да разговара со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за странски инвестиции Бил Павлески, а ја посети и Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 во Бунарџик. Улрике Волф подвлекува дека за германските претприемачи интересни биле даночните предности, но едно е запознавање со фактите, а друго инвестирање:

„Не се случува претприемачот да дојде, да разгледа и веднаш да каже: 'Океј, го видов ова и една недела подоцна знам дека ќе инвестирам'. Патувањето е многу повеќе прв чекор од мисијата на собирање факти, а потоа претприемачот размислува колку се стабилни контактите што можел да ги склучи и дали за него инвестирањето е исплатливо или не. Прво најчесто бара партнер за дистрибуција или канцеларија за дистрибуција за да се вклучи на пазарот. Во нашата делегација имаше различни претпријатија кои изразија интерес да најдат партнери и да ги проверат можностите на земјата, во поглед на можни локации за производство.“

Mazedonien Deutschland Westerwelle Poposki Fahnen

Во германско-македонската економска размена, Баварија има удел од една четвртина

Според раководителката на Одделот за надворешна економија при баварското Министерство за економија, особено е важно што посетата на Македонија овозможила добри контакти:

„Најинтересното што на претприемачите може да им се понуди е добар контакт со фирми, валиден економски контакт врз којшто ќе можат да ги надградуваат односите. Според она што лично го добив од претприемачите како информација, пошироко истражување на мислењата е во тек, тие се задоволни со контактите, но натамошниот развој ќе покаже дали тие контакти ќе бидат основа за нешто повеќе. Јас сум оптимист.“

Улрике Волф оценува дека Македонија, споредено со останатите земји во регионот, се позиционира релативно добро во економската размена со Германија.

Mazedonischer Stand auf der Buchmesse in Frankfurt 2009

„Не може директно да се прави споредба на Македонија со пазарите кои се многу, многу големи. Значењето може да се согледа ако се види дека Баварија во германско-македонската трговија има удел од 25% и ако се знае дека Македонија е пред Србија. Србија има повеќе жители, но Македонија има поголем надворешнотрговски волумен. Оттука може да се види дека посебните шанси што ги има Македонија се огледуваат и во бројките.“

Македонија е мала економија, но тоа има и предности, како можноста за побрзо дејствување, нагласува Волф, додавајќи дека Македонија треба тоа и да го користи.