1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија е европска

За празникот на Европа, градот Шартр, познат во светот по една од најубавите катедрали која е заштитена и од УНЕСКО, избра да им ја претстави на граѓаните, за нив, една од најнепознатите европски земји - Македонија.

default

„Македонска недела“, чија инаугурација беше на 6 мај од страна на градоначалникот и пратеник од редовите на владеачката УМП, Жан-Пјер Жорж и амбасадарот на Република Македонија во Париз, Јон Ивановски, завршува денес (09.05.200) на градскиот пазар со дегустација на македонски производи, зачинети со македонско оро и песна.

Македонски вкус во Франција

Плоштадот под „Акрополата на Франција“, како што Родан ја нарече катедралата „Нотрдам“ од Шартр, доби македонски акцент, бои и вкусови. Македонкото знаме, заедно со француското и европското можат да се видат насекаде, исто како и фотографиите од туристичките знаменитости на Македонија. Од изутринава, граѓаните на Шартр ја вкусија и македонската гастрономија, поточно дел од неа на големиот градски пазар, каде е резервиран еден павилјон. Ајвар, македонски сирења и вина, непознати за центарот на Франција, сето тоа зачинето со македонски ора и песни во изведба на КУД од Руан – Франција.

„Мислам дека е многу интересно за граѓаните на Шартр при одбележувањето на денот на Европа, да им ја претставиме за нив непознатата европска земја – Македонија, со нејзиното наследство, култура, гастрономија, филмови, археологија“, вели Патрик Жеруде помошник-градоначалник задолжен за култура.

Symbolbild Europa Fragezeichen

Жителите на ЕУ не знаат многу за земјите од Балканот

„Луѓето се многу заинтересирани за она што им го понудивме. Нашиот регион и покрај реката од туристи која доаѓа кај нас, сепак е рурален. Катедралата ја посетуваат годишно околу 1,5 милион туристи, но жителите на Шартр не се многу запознати со другите земји во Европа, а уште помалку со земјите од Балканот“, додава Жеруде, кој сепак признава: „ Многу луѓе Македонија прво ја поврзуваат со Грција. Но, јас им одговарам: ’Не, не, внимавајте, станува збор за друга земја.’ Многумина не знаат да кажат каде се наоѓа Република Македонија на географската карта. Но, кога ги погледнаа плакатите, фотографиите и туристичкиот материјал за земјата, тие се изненадени од убавините и се заинтересирани да ја откријат од близу.“

Очекувањата се надминати

Во текот на денешниот ден, на специјално уредениот „македонски павилјон“ на пазарот, се очекуваат илјадници граѓани на Шартр. Тие претходно имаа можност да се запознаат со класиците на македонскиот филм, како „Мис Стон“, „Црно Семе“ и „Волчја ноќ“, со македонската поезија и класична музика, со археолошките богатства, посебно со тие на Кокино.

Даим Илјази, советник во амабасадата на Република Македонија во Париз, кој работеше на организирањето на манифестацијата, вели дека таа ги надминала очекувањата:

„Лично сум задоволен, бидејќи има многу публика и интерес од граѓаните на Шартр. Во сите денови и вечери салите беа полни и на плоштадот на Шартр каде има многу, многу туристи и за среќа времето е убаво. Јас сум задоволен за одзивот на граѓаните на Шартр за оваа наша манифестација. Ова е афирмација за Македонија во овој дел на Франција и воопшто во целата земја.“

Нема дилеми за тоа каде припаѓа Македонија

Амбасадарот Јон Ивановски исто така е задоволен што неговата земја е претставена како европска држава и дека кај гостите на манифестацијата постои интерес и глад за запознавање

Weltkarte Projekt INCULT

Каде е Македонија?

со една држава која не е толку позната во Франција. Тој смета дека ова е позитивен политички сигнал, кој се испраќа од срцето на Франција до цела Европа, „дека не постојат веќе двоумења каде Македонија припаѓа. Тие ја гледаат како држава која ќе влезе во Европската Унија наскоро. Се согласувам дека манифестацијата во Шартр е некаков вовед во еден нов пристап кон ова прашање“, вели Ивановски.

На „Македонската недела“ во Шартр и‘ е даден голем публицитет во француските медиуми на локално, регионално и национално ниво, што дава повод за подобро запознавање на пошироката јавност со Македонија, која толку многу сака да стане дел од привилегираното семејство на Европската унија.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM