1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија е важна како фактор на стабилност

Интервју со Петра Блес, независен пратеник во германскиот парламент, за спорот со името, владината криза во Македонија и шансите на земјата за влез во НАТО и ЕУ

default

Петра Блес

На преговорите меѓу Скопје и Атина околу името во Виена не е постигнат договор. Посредникот на ОН Метју Нимиц, меѓутоа, е оптимист. Дали и вашиот став по ова прашање е оптимистички?

Блес: „Ми се чини дека во овој момент ситуацијата е таква што мораме да бидеме оптимисти. Впрочем, се работи за тоа - Македонија која ги исполни политичките критериуми за членство во НАТО на крајот да добие зелено светло за започнување на преговорите. Така погледнато, на крајот ќе мора да произлезе резултат.“

Кога според ваше мислење можеме да очекуваме резултати? Дали е тоа можно пред самитот на НАТО во Букурешт во април?

Блес: „Дотогаш имаме уште неколку денови за преговори. Како што јас ги гледам работите, во последниве денови од двете страни има извесна подготвеност за компромис. Според мене е важно, на крајот повредите на двете страни да не бидат толку големи. Инаку, важно е и да се утврди краен термин за конечно изнаоѓање компромис. Мое мислење е дека нема смисла процесот да се одолговлекува во бесконечност, затоа што сите страни се уморни од непродуктивните преговори од последните години.“

Грците се закануваат со вето доколку Македонија не се одлучи да го смени името. Колку се сериозни таквите закани?

Блес: „Ме зачуди колку сериозен беше тонот во последните недели. А, можеби заканите не биле доволно сериозно сфатени во последниве месеци, односно години. Јас бев посебно загрижена, затоа што спорот се заостри во ситуација кога Македонија е многу важна како фактор на стабилност во регионот, пред се‘ по прогласувањето независност на Косово.“

Вака погледнато дали за меѓународната заедница односно за ЕУ и НАТО, стабилноста на Балканот е толку важна за да ги притисне двете страни, посебно грчката, сепак да се изнајде решение по прашањето на името?

Блес: „Ми се чини да. Во последниве денови и недели, од перспектива на Брисел, се зголеми чувствителноста за регионот. Мене лично ме радува јасниот сигнал од европската комисија и министрите за надворешни работи од почетокот на март, за поголема подршка за западниот Балкан. Моите искуства од четиригодишното работење во рамките на пактот за стабилност, покажуваат дека Македонија игра посебна улога како фактор на стабилност во регионот. Поради тоа, посебно загрижува фактот што покрај спорот со името имаме и владина криза во Македонија, иако последните информации од Скопје покажуваат дека има решение и дека партиите сфаќаат колку е сериозна ситуацијата и колку се важни преговорите за изнаоѓање компромис за името за да се постигне важна етапа на патот кон членство на Македонија во НАТО.“

Што мислите дали владината криза во Македонија е случајна или е во тесна врска со признавањето на Косово?

Блес: „Во политиката ништо не е случајно. Но, ми се чини дека во последниве часови и денови се сфати сериозноста на ситуацијата и поради тоа е добар сигнал што се најавува готовност да се одржи владината коалиција и што постои подготвеност да се седне на заедничка маса и да се разгледа каталогот на барања. Ми се чини дека за регионот е важно да се напушти праксата на бојкот и уценување и дека е многу поважно да се најде конзенсус. Тоа не значи дека треба да се прикриваат постоечки разлики во мислењата, но токму во времиња кога е потребен консензус во општеството - важен од регионално-политички аспект, но и за натамошниот развој на Македонија. Ми се чини дека е многу деструктивно и неодговорно во ваков период да се форсира владина криза. Мој впечаток е дека моментално владата ја нема стабилноста што и‘ е потребна.“

Колку е драматичен развојот на Косово и посебно во Митровица?

Блес: „Сигурно е дека она што сега го доживуваме на северот на Косово не е премногу изненадувачко. Од почетокот беше јасно дека таму ситуацијата е посебно критична. Во моментов се чини дека ситуацијата е под контрола, но што се однесува на долгорочно решение, состојбата е сериозна. Тоа е и одговорност на меѓународната заедница, оти како што реков, до ова не дојде преку ноќ. Конфликтот на северот на Косово беше апсолутно предвидлив, беше јасно и дека ќе дојде до заострување на ситуацијата по прогласувањето независност на Косово. “

Да се вратиме на спорот околу името. Со оглед на затегнатоста на Косово, која се зголеми по прогласувањето на независноста, може ли да се очекува дека сега, во последна минута, можеби во овие неколку денови, сепак ќе биде можно попуштање?

Блес: „Се надевам дека ќе дојде до согласност, токму затоа што од обете страни слушнав малку поконструктивни тонови. Сметам дека е важно од грчка страна да се покаже суверенитет - за мене е тоа клучен збор - суверен однос со сегашнава ситуација и со чувствителните моменти, и пред се’ со историјата. Ова е необично проблематична ситуација на Балканот. Ако ја споредам со конфликтот меѓу Србите и косовските Албанци, тогаш во никој случај ја нема таа димензија и за среќа нема никаков потенцијал за насилство. Но, би посакала пореалистичен приод, што значи го сметам за целосен апсурд да и’ се подметнува на кој било начин на македонската страна дека има стремежи за Голема Македонија. Тоа е апсолутно апсурдно и ако се види историјата од последните 15 години, сметам дека тоа веќе е и неповратно. Луѓето во Македонија се чувствуват како Македонци, тие имаат македонски јазик, македонски идентитет - колку и да е историски проблематична ситуацијата, зашто тука секогаш имаше и интереси на соседните народи. Мислам дека е важно душата на еден народ да не биде повредена и тој да не мора премногу да се ведне. “

Зборуваме за територијални аспирации, од што стравуваат Грците, а спорот околу името трае уште од почетокот на 90-тите години. Колку се реални тие стравови на Грција?

Блес: „Нема територијални претензии на Република Македонија во однос на северна Грција, односно на грчкиот дел на Македонија. За тоа воопшто нема место на преговарачката маса, оти е беспредметно. Се разбира, сметам дека е важно да се следи дали некаде има националистички тонови и мора соодветно да се реагира. Но, важно е дека таква насоченост во политиката беше исклучена во Македонија од постигнувањето на нејзината независност, сеедно кој е на власт. А, имаше и одредена готовност за компромис, ако помислам на дискусијата околу знамето и се’ друго од 90-тите години. Всушност, засрамувачко е што таа дискусија се развлече вака до вечност и стравувам дека колку подолго ќе се одолговлекува спорот, толку повеќе ќе бидат поттикнувани нереални барања или националистички тонови.“

Што може да стори македонската влада, за да се смири ситуацијата?

Блес: „Повторно се враќам на поимот суверенитет. Мислам дека во оваа ситуација е многу важно владата да дејствува суверено и да се прават напори да се изнајде натпартиски и меѓуетнички компромис - и со опозиционите партии исто така. Тоа би бил многу, многу важен сигнал, насочен како внатре, кон македонското општество, исто така и регионално и на меѓународно ниво. Кон таквиот суверенитет спаѓа и откажување под одредени околности од делче од своите егоистички интереси и барање консензус, оти станува збор за голема цел, за конкретни чекори во насока кон ЕУ и НАТО.“

Што мислите, кога реално ќе може Македонија да се најде во НАТО и ЕУ?

Блес: „Играњето со тие бројки го сметам за безделничење . Посакувам да има колку што е можно побргу конкретни датуми и сосем јавно признавам дека моето главно внимание и интерес е колку што е можно побргу да биде договорен конкретен термин за почеток на преговори за пристап кон ЕУ. Но, тука, се разбира, прво е важно Македонија самата да ги исполни задачите, оти ако погледнам врз последниот извештај за напредокот од ноември, тука има многу точки на критика, и пред се’ станува јасно дека токму во администрацијата има уште значителни дефицити, што се однесува до капацитетите и условите за исполнување на европските критериуми. Посебно мислам на блиска соработка со парламентот - тука е важно парламентот и структурите да се фит за тој нареден важен чекор.“