1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија доцни во изградбата на патиштата

Македонската влада најави инвестиции во патната инфраструктура. Експерите предупредуваат, дека ако патиштата и натаму бидат запоставени, земјата може да биде заобиколена од главните патни коридори на Балканот.

default

Македонија може да остане заобиколена од главните патни коридори

Македонија си постави цел за десет години комплетно да ја обнови патната инфраструктура. Ако продолжи досегашната практика на запоставување на инвестициите во оваа сфера земјата може да стане слепо црево во центарот на Балканот, заобиколена од главните патни коридори кои го сечат регионот.

Надлежните го пресретнаа ова предупредување на експертите со нова предлог стратегија за изградба на целокупната патна инфраструктура во земјата. Во неа е предвидено до 2020-та да се доврши коридорот 10, да се изградат регионални патишта и уште седум нови коридори низ земјата.

Сега патиштата во Македонија се наоѓаат во многу лоша состојба. Според последната оценка на експертите и инжинерите од Институтот за економски истражувања, македонските патишта не се одржуваат квалитетно, ниту пак има целосно изградена магистрална и регионална патна мрежа. Лошата состојба се објаснува со неадекватниот начин на финансирање на патната мрежа во земјата. Дека оценката на експертите е реална може да се види по кусо возење на еден од најфрекфентните автопати во земјата. Делницата Скопје-Велес е полна со дукпи и лоши крпеници кои влијаат и на безбедноста на возењето.

Возачите плаќаат патарина што и не е ефтина со оглед на македонскиот стандард. За нецели 50 километри авотпат треба да се платат 90 денари или евро и пол патарина во еден правец. Уште полоша е состојбата на регионалните патишта. На голем број од нив на коловозот наместо асфалт има коцка.

Ќе успее ли Македонија со новата стратегија што ја изработи француска консултантска куќа да се промовира како атрактивна дестинација за инвестирање со модерна инфраструктура и посакувана транзитна зона? Наредниот месец ке биде објавен тендерот. Во наредните две години треба да се подготват техничките работи, за да може изградбата на патиштата да започне во 2011 година. Експертите оценуваат дека реакцијата е задоцнета.

Бизнисмените од комората на северозападна македонија бараат да се даде приоритет на коридорите кои ќе овозможат побрзо и поквалитено поврзување на Македонија со новиот сосед и пат кон Албанија за побрз пристап до Јадранското море.

Експертите предупредуваат дека државата се’ помалку води сметка и за железничката инфраструктура. Неповолната состојба на пругите и на превозните капацитети, го прават железничкиот сообраќај недоволно функционален и нерентабилен, а токму поради тоа и економската состојба на железницата е во незавидна позиција.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска