1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Македонија да одлучи - колкава цена може да плати за да оди напред

Иако политички Берлин е „распуштен“ и се подготвува за изборната есен, неколкумина парламентарци за ДВ го коментираат значењето на хрватското членство во ЕУ за регионот и за ќорсокакот во кој е Македонија.

„Добра новина за Балканот и ЕУ е што Хрватска стана 28-та членка од европското семејство. Ова многу радува, но и податокот дека во јануари наредната година, доколку биде спроведено она што е договорено, ќе стартуваат и пристапните преговори со Србија. Ова е сигнал дека согласно со ветувањата од Солун за европските перспективи на Западниот Балкан и Македонија ќе може да исчекори напред кон ЕУ, штом се отстрани блокадата од страна на Грција“, е првата реакција за влијанието на членството на Хрватска врз регионот на Оливер Лукшич, пратеник на Либералите во Бундестагот.
Македонија одамна го има кандидатскиот статус и по четирите последователни позитивни оценки на Европската комисија буквално извиси и остана на опашката. Го прашуваме Лукшич: зошто ситуацијата е ваква и Европа не презема ништо да се излезе од ќорсокакот?
„Познато е дека причината е грчката блокада, но и дека последниве месеци, за жал, и во Македонија работите не се развиваа особено позитивно. Затоа имајќи ја предвид смислата на европското единство можам само уште еднаш да апелирам кавгата што поскоро да се надмине со што и Македонија ќе може да оди нанапред. Инаку, кога е во прашање европското проширување во германскиот Бундестаг има голем континуитет. Се надевам дека големиот консензус што за ова прашање постои меѓу ЦДУ-ЦСУ, СПД, Либералите и Сојузот 90-Зелени ќе се одржи и натаму. 18-тиот состав на германскиот Бундестаг би требало во оваа насока и понатаму да делува и да испрати сигнали и за

Oliver Luksic Bundestag FDP

За членството на Македонија ќе треба да одлучи и идниот 18 состав на Бундестагот - Оливер Лукшич (ФДП)

Македонија“, констатира либералот Оливер Лукшич. според кого мора да се констатира дека кај народот и голем број медиуми има се’ помалку поддршка за проширувањето.

Почеток со тешките поглавја

„Многу е важно што со членството на Хрватска во ЕУ останатите земји од Западниот Балкан имаат прилика да видат дека тоа е можно. Значајно е и да се знае дека членството значи и целосно исполнување на 35-те поглавја. За Македонија сметам дека не треба да го чека официјалниот старт на пристапните преговори, туку уште сега треба да започне да работи на темите за кои треба многу време. На пример поглавјата 23 и 24 кои се мошне тешки и кои се однесуваат на реформата на судството и човековите права. Адаптирањето на таа регулатива трае долго, затоа треба уште сега да почне на неа да се работи“, истакнува за ДВ Јосип Јуратовиќ, пратеник на социјал-демократите во Бундестагот.
Македонија ќе има да сработи 35 поглавја, но главното останува како „круна“ - спорот со Грција околу името.
„Точно е дека проблемот околу името со Грција е главен. Но, има и други проблеми на кои треба да се работи за да се надминат. Од искуството на Хрватска на Македонија само би и порачал да се зафати со работите кои може сега да се завршат - она што не е спорно и за кое треба време да се сработи. Тешките прашања, како името, со време ќе се разрешат, зашто Грција нема да може цело време да блокира“, е убеден Јосип Јуратовиќ.

Josip Juratovic

Уште сега да се започне со тешките и долги поглавја, советува Јосип Јуратовиќ (СПД)


Членството на Хрватска во ЕУ, според Мануел Сарацин, гласноговорник за европска политика на Сојузот 90-Зелени во Бундестагот, покажува дека Европската унија ги научила лекциите од минатите проширувања: строга условеност и примена на мотото - темпото на преговорите да се определува со напредокот на земјата кандидат, што е од суштинско значење за кредибилитетот и на другите проширувања кои престојат.

Македонија во „вакуум“?

Германските парламентарци и покрај ваквите реакции, меѓутоа нерадо сакаат да коментираат што ќе биде со Македонија и како гледаат на фактите: земјата на неопределен рок, заради спорот за името, останува во вакуум и на опашката. Аналитичари од круговите на владејачката Христијанско-демократска унија, за ДВ како оптимистичка опција го наведуваат декември 2013, кога земјата би можела да добие датум за пристапните преговори, се разбира под веќе познатиот услов: доколку го реши името! Песимистичките прогнози се дека и оваа 2013 нема да донесе ништо ново за Македонија. Да се чека што на Македонија ќе и’ донесе грчкото претседателство со Унијата во првата половина од 2014 - се толкува како голема „иронија“ на македонската судбина. Еден од соговорниците на ДВ забележа дека во услови кога на Европејците ќе им олесни во однос на добрата разврска на проблемот меѓу Србија и Косово, можно би било во разрешување на спорот лично да се вклучи и Кетрин Ештон, која е задолжена за европската дипломатија.
„Неспорно е дека Македонија е во најтешка позиција. Грција одлучува и блокира. Затоа, можеби уште сега, по јунскиот самит е упатно македонските политичари да поразмислат, продискутираат и одлучат до каде ќе може да се движат во пазарењето за името. Која е цената која се подготвени да ја платат за земјата да оди напред “. Зашто, неспорно е дека одолговлекувањето на доближувањето до Европа носи ризици во внатрешно-политичката етничка компактност на земјата исто колку и во економскиот развој. Или, поинаку кажано: со нерешавањето на спорот, а со тоа и пристапно членство во ЕУ, се става на коцка внатрешниот мир и економскиот развој! Вака сметаат дел од германските политичари, оние кои сега се во легислативата и кои можеби ќе бидат и во наредната, по септември!