1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија да ги заокружи реформските процеси

На Конференцијата за идната улога на ЕУ и НАТО во Југоисточна Европа која се оддржа во Берлин, под лупа беа сите земји од регионот, меѓу кои и Македонија. Талад Џафери, заменик министер за одбрана на Република Македонија, кој присуствуваше на конференцијата ги коментира видувањата за Македонија, а говори и за проблемот со демаркацијата на границата кон Косово.

“Сите претставници и на ЕУ и на НАТО потврдија дека Република Македонија по однос на членството на НАТО во регинот е понапред и реформскиот процес, кој е започнат, треба да се заокружи со сите оние сугестии кои се даваат од ЕУ и од НАТО” - изјави за македонската програма на радио Дојче Веле, Талад Џафери заменик миснистер за одбрана кој учествуваше на тридневната конференција посверена на улогата на НАТО и ЕУ во Југоистчна Европа.

Според Џафери темите за кои се дискутираше беа врзани со идниот ангажман на двете организации во регионот. Во контекст на решавањето на статусот на Косово, учесниците на конференцијата го застапија ставот дека НАТО и ЕУ ќе треба да останат таму присутни и по 2006. За престојниот референдум во Црна Гора не беа изнесени одредени насоки освен што беше подвлечено дека треба да се почитува вољата на народот и изјаснувањето да биде врз основа на европските стандарди. Иако, како вели Џафери, конференцијата во Берлин не беше директно врзана за идниот самит на НАТО во Рига, секако дека даде одредени насоки. Во овој контекст го прашавме заменик министерот какво значење за приемот на Македонија во Алијансата ќе има идната професионализацијата на армијата. Според него со измените и дополнувањата на Законот што ги предложи министерството до Владата задолжителниот воен рок се става во мирување. Со тоа би се забрзал процесот на професионализација на армијата кој треба да заврши до крајот на 2007 година.

Иако се уште нерешеното прашање околу демаркацијата на границата меѓу Македонија и Косово не беше тема на конференцијата, Талад Џафери го кажува својот став околу настојувањата проблемот да се реши пред конечниот статус на Косово и изјавите на македонскиот претседател дека за границата нема што понатаму да се преговара. Според него проблемот треба да се реши меѓу Скопје и Приштина. По однос на изјавата на македонскиот претеседател дека тоа прашање е завршено, според Талад Џафери таквата изјава е несериозна од институцијата претседател на држава и смета дека е извадена од контекст и дека претседателот така не размислува зашто ги позмнава импликациите на договорите кои се потпишуваат. Џафери вели дека во секој случај останува обврската на Република Македонија прашањето околу границата да се реши во заедничка комуникација со институциите на Косово за добробит на луѓето од Македонија и Косово, и без разлика дали пред или по решавањето на статусот на Косово.